X
 17.10.2022 Наука

Несреќата може побрзо да ги остари луѓето отколку цигарите, покажува студија

Научниците од целиот свет се обидуваат да користат вештачка интелигенција за да создадат нов вид „часовник“ кој ќе може да ја мери биолошката возраст.

Во еден таков неодамнешен обид беа додадени и психолошките фактори и беа направени интересни предвидувања. Првичниот тест посочува дека влијанието на лошото ментално здравје понекогаш може да биде поголемо од физичките болести и навики, вклучувајќи го и пушењето.

Хронолошката возраст е заснована на тоа колку години имате, но само затоа што две лица славеле ист број родендени, не значи дека се еднакво здрави.

Со мерење на одредени аспекти на физичкото здравје на едно лице, истражувачите се надеваат дека еден ден ќе можат да предвидат колку биолошки години има некое лице. Ако предвидувањето се покаже точно, тоа може да им помогне на експертите да разберат зошто некои лица стареат побрзо од другите и кои фактори и начинот на живот придонесуваат за тој процес на стареење.

Но, има една клучна компонента од човековото здравје која ја немаше во претходните обиди за навивање на часовникот - нашата ментална и емоционална состојба.

Во 2021 година студија, правена со децении меѓу 2,3 милиона жители на Нов Зеланд, покажа дека има силна врска меѓу менталните нарушувања и почнувањето на физичките болести и настапувањето на смртта. Друга студија од истата година покажа дека историјата на проблемите со менталното здравје е поврзана со забрзаното стареење во средовечноста. Дополнително, овој ефект на стареење се случил многу години пред оние кога другите болести поврзани со стареењето обично се појавуваат.

Имајќи го предвид сето тоа, истражувачи од САД и Хонгконг дизајнирале компјутерски алгоритам за да создадат нов часовник на стареењето, кој вклучува неколку психолошки здравствени фактори и биомаркери на крвта. Тие го тренирале алгоритамот на податоци од околу 5.000 здрави возрасни лица од Кина и потоа го тестирале на податоци од други 7.000 лица. Ова е првпат истражувачи да тренираат часовник за стареење на толку многу Кинези (повеќето студии се прават со западни популации) и меѓу првите што вклучуваат и показатели за ментално здравје.

На крајот авторите на студијата утврдиле дека психолошките фактори како несреќата или осаменоста додаваат до 1,65 година на биолошката возраст на лицето. Ефектот ги надминал другите индивидуални демографски карактеристики, вклучувајќи ги биолошкиот пол, областа на живеење, брачниот статус и тоа дали лицето пуши цигари или не.

Податоците за психолошката благосостојба на учесниците биле базирани на осум чувства: вознемиреност, осаменост, несреќа, нефокусираност, немир, депресија, безнадежност и страв.

Кога часовникот бил тестиран на болни лица, вклучително и на оние што боледувале од рак, срцеви заболувања, болести на црниот дроб, на белите дробови или лица со удари, точно предвидел дека тие се постари од нивните партнери во главната, здрава група. Но, ефектот на тие состојби врз предвидената возраст не надминувал 1,5 година. Тоа е малку помалку од влијанието на сите психолошки варијабли заедно, кои, според алгоритамот, го забрзуваат стареењето за 1,65 година.

Во меѓувреме, пушењето додава околу 1,25 година.

Сепак, ова не значи дека алгоритамот утврдил дека пушењето е помал ризик за здравјето од депресијата или осаменоста. Пушењето останува еден од главните ризик-фактори за многу ракови и срцеви заболувања.

Но, според предвидувањата на часовникот, може да значи дека ако имаме лице што не е во брак (што додава околу 0,59 години), ретко е среќно (што додава 0,35 години), често се чувствува безнадежно (што додава 0,28 години) и има проблеми со спиењето (што додава 0,44 години) - сето тоа може да има поголемо влијание врз здравјето на лицето отколку пушењето.

Студијата е објавена во списанието „Ејџинг“.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука