X
 14.06.2016 Образование

Зошто фантастичните родители воспитуваат депресивни деца?

Зошто опсесијата со среќата на децата може да предизвика нивна несреќа подоцна?

Лори Готлиб е психолог и мајка. Неодамна ја раскажа својата приказна за „Атлантик“. „Ако има една работа што ја научив на факултет е дека поетот Филип Ларкин бил во право“, пишува таа, посочувајќи на песната на Ларкин во која тој пишува дека родителите ги уништуваат децата, иако ненамерно. Готлиб, како и секој друг родител, сакала да го воспита детето правилно. Но, што значи „правилно“?


Според педијатарот и психијатар Доналд Виникот, добрата работа е тоа што не треба да се биде совршен родител за да се воспита добро дете, пишува таа. Како психолог, Готлиб започнала да разговара со пациенти. Се' било добро додека не се појавила една 20-годишна пациентка која „едноставно не била среќна“.

Она што било проблем за неа е тоа што немала причина да биде несреќна, открива Готлиб. Оваа девојка имала одлични родители и семејство, добри пријатели, одлично образование, добра работа, добро здравје и убав стан. Во нејзиното семејство никој немал проблеми со депресија или анксиозност. Но таа се плашела да направи грешка, не им верувала на сопствените инстинкти и се чувствувала помалку добра од она што нејзините родители постојано и велеле дека е.


Со текот на времето, Готлиб започнала да разговара со се' повеќе пациенти со сличен проблем.

„На мојот кауч седеа возрасни до 20-те или рани 30-ти кои велеа дека и тие страдаат од депресија и анксиозност, имале потешкотии во изборот или посветувањето на една добра кариера, имале проблеми во врските и генерално чувствувале празнина или недостаток на цел - сепак немаа ништо лошо да кажат за мама и тато“, пишува Готлиб.

Сите овие пациенти посочувале дека ги „обожаваат“ своите родители. Готлиб започнала да се прашува: Дали овие родители направиле премногу за нивните деца?

Таа започнала да го истражува воспитувањето на децата од страна на родителите и разговарала со многу психолози, родители, автори и наставници. Меѓу другото, таа открила дека луѓето имаат поголемо задоволство додека работат напорно за нешто. Децата на кои им се нуди преголем избор честопати заостануваат подоцна, открива таа.

Преголемиот број опции прави децата да се чувствуваат депресивни и без контрола. Родителите можеби грешат тука - тие им даваат премногу опции на децата од кои може да одбираат.

„Може да ги изложиме нашите деца на уметност, но не може да ги научиме на креативност. Може да се обидеме да ги заштитиме од лоши соученици и лоши оцени и сите видови одбивање и нивните ограничувања, но некогаш ќе наидат на овие работи повторно. Впрочем, со обидувањето да се создаде совршено детство, само им правиме на децата да им биде потешко при растењето. Можеби ние родителите сме тие што треба да пораснеме - да оставиме некои работи да течат самите“, вели таа.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование