X
 27.01.2024 Наука

Секоја година помината на училиште или на факултет го зголемува животниот век

Секоја година помината на училиште или на факултет го зголемува нашиот животен век, додека отсуствувањето од училиште е смртоносно како пушењето или прекумерното консумирање алкохол, покажува најновото истражување кое директно го поврзува образованието со долговечноста.

Врз основа на податоците од индустријализираните земји, како што се Обединетото Кралство и САД, како и земјите во развој како Кина и Бразил, истражувањето покажа дека ризикот од смртност кај возрасните се намалува за 2 отсто за секоја година помината во редовното образование.

Завршувањето на основното, средното и високото образование е еквивалентно на здрава исхрана во текот на животот, намалувајќи го ризикот од смрт за 34 отсто во споредба со оние без формално образование, според истражувањето објавено во „Лансет паблик хелт“.

Од друга страна, отсуствувањето од училиште во кој било момент било исто толку лошо за здравјето на возрасните колку и консумирањето пет или повеќе алкохолни пијалаци секој ден или пушењето 10 цигари секој ден во текот на една деценија.

Додека придобивките од образованието за очекуваниот животен век се одамна препознаени, прегледот на академиците од Норвешкиот факултет за наука и технологија (NTNU) и Универзитетот во Вашингтон во Сиетл е првиот што го пресмета бројот на години на образование и неговата поврзаност со намалената смртност.

Повисокото ниво на образование го зголемува животниот век на различни начини, вклучително и преку нефинансиски придобивки.

- Тоа ви помага да изградите подобри социјални врски. Тоа ве прави подобри во пристапот и разбирањето на информациите кои можат да ви помогнат да донесете подобри одлуки - велат авторите на истражувањето.


Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука