X
 17.12.2019 Наука

Сакате да ја доживеете стотата? Научниците тврдат дека знаат како

Зошто некои луѓе живеат подолго од другите?

Хавард С. Фридмен, професор по психологија на Универзитетот во Калифорнија, и Лесли Р. Мартин, професор по психологија на Универзитетот „Ласиер“, се автори на „Проектот за долговечност“, кој прикажа истражување што следело 1.500 Американци во период од 80 години и се насочиле на прашањето зошто некои луѓе живеат подолго од другите. Фридмен и Мартин откриле дека најздравите луѓе се оние што живееле живот со цел: напорно работеле, постигнале многу за своето семејство, негувале блиски односи и биле упорни, одговорни и совесни.

- Наместо да се фокусираат на јогурт, медитација и витамини, тие биле посветени на работите и на луѓето - изјави Фридмен.

Еве што друго заклучиле научниците дека треба да правиме за да имаме долг животен век.

долг живот
Фото: Silverspain


1. Станете од столчето и движете се

Многу научни докази упатуваат на тоа дека физичката активност е клуч за долг живот. Научниците велат дека доволно е да бидете во движење. Ако можете да одите по скали, не користете лифт. Ако можете да одите пешки, не користете автобус или автомобил. Ако сте жедни, станете, немојте да барате од партнерот или друг член од семејството да ви донесе вода. Сè се брои, па и најмалите напори.

2. Уживајте во предизвиците - на работа, но и во сè

За да имате добро здравје и да живеете долг живот, многумина мислат дека треба да избегнувате премногу напорна работа и да уживате во одморот, но истражувачите го откриваат токму спротивното.

- Оние што работеле напорно и со својата работа постигнале многу, успеале и на многу начини и на многу други полиња - вели Фридмен. Честа е заблудата дека секој стрес е лош. Но, мора да имате на ум дека хроничното физичко нарушување не е исто што и напорна работа и предизвикувачка кариера.

3. Останете поврзани со луѓето

Кога станува збор за долговечноста, не е важно да останете активни само во физичка и психичка смисла, туку и во друштвена. Бидете во контакт со членовите од семејството, пријателите и колегите, правете работи заедно и помагајте им на другите.

4. Размислете за брак


Луѓето во стабилни, исполнувачки бракови обично се поздрави. Во едно истражување мажите биле поуспешни ако биле во долгорочни бракови, додека бракот бил здрав за оние жени што можеле да најдат посветен сопруг што ги поддржува.

5. Бидете пријатели со здрави луѓе

Еден од најдобрите начини да имате здрав живот е да бидете опкружени со здрави, активни луѓе. Придружете им се и учествувајте во заеднички излети бидејќи тие се пат до долговечноста.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука