X
 11.01.2018 Живот

Писмо пратено од Скопје до Скопје патува и по две недели

Најмногу поплаки од граѓаните во 2016 година имало за ненавремената достава на поштенските пратки од страна на „Македонска пошта“, покажува извештајот на Агенцијата за пошти.


Фото: Pixabay

Еден, три, пет дена, една или две недели... Никој со сигурност не може да каже колку време им треба на писмата пратени преку „Македонска пошта“ да стигнат од една до друга адреса во земјава, а уште помалку да предвиди кога тие ќе стасаат во странство. По многубројните реакции на граѓаните дека кога ќе испратат писмо преку државниот поштенски оператор никогаш не се сигурни дали и кога ќе стаса во рацете на вистинскиот примач, решивме да провериме колку време навистина им треба на пратките низ земјава да се најдат на вистинската адреса.

Истовремено од Скопје испративме три новогодишни честитки. Едната до адреса во Скопје, друга во внатрешноста на Македонија и трета во странство. Најбрзо стигна честитката во внатрешноста, и тоа за два дена. Честитката во странство патуваше една недела, додека најмногу време ѝ требаше на таа во Скопје, и тоа 13 дена.
Објаснувањето што го добивме на поштенскиот шалтер е дека брзината на доставата зависи од поштарите ангажирани за територијата на конкретната општина каде што треба да стигне писмото, па поради тоа, пратката од една до друга адреса во Скопје патувала речиси две недели.

Дека кај граѓаните постои незадоволство од брзината со која „Македонска пошта“ ги доставува пратките, покажуваат и статистичките податоци што ги објави Агенцијата за пошти. Според извештајот за поштенските активности во земјава за 2016 година, Агенцијата за пошти најмногу поплаки од граѓаните добила токму за овој дел - ненавремената достава на пратки. Од сите поднесени рекламации, повеќе од половината или 52,6 отсто се пожалиле на пречекорување на рокот за достава. Притоа, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава од страна на „Македонска пошта“.

Најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачани писма, услуга која е значително поскапа од испраќање обично писмо. Според извештајот на Агенцијата за пошти, од вкупниот број рекламации, дури 90 отсто се однесувале на препорачани писма. Односно, 4.475 рекламации биле за доставата преку „Македонска пошта“, додека 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава.

Токму поради сè поголемото незадоволство од брзината на достава, сѐ помалку граѓани од година на година ги користат услугите на „Македонска пошта“ кога станува збор за испраќање писма.

- Еден од причинителите за опаѓање на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки. Незадоволството од квалитетот на доставата граѓаните го искажуваат и преку прибегнување кон нови форми на примање пратки, односно електронска достава на пратки - пишува во извештајот на Агенцијата за пошти.

За ненавремена достава на пратки, законските прописи предвидуваат глоба од 3.500 до 5.000 евра за поштенскиот оператор.
Подготвил: Д.Ф.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот