X
 25.01.2018 Култура

Турски ѓубреџии ги собираат фрлените книги за својата библиотека!

Комуналното претпријатие што се грижи за хигиената во Анкара има сопствена библиотека, а сите книги во неа се собрани од контејнерите во градот.


Фото: Анадолија


„Требаше да завршат во кантите за ѓубре, но ние им подаривме нов живот“, вели Емирали Уртекин, управник на библиотеката.

Идејата се родила додека со колегите размислувале со што би можеле дополнително да се занимаваат покрај редовната работа. Така прво основале музичка група, чии членови свират на кантите за ѓубре што се фрлени како старо железо.

„Читањето е добро за мозокот и ни раѓа нови идеи“, вели дваесетгодишниот Ерај Јилмаз, кој им издава книги на читателите. Денес библиотеката располага со 4.700 книги, а уште 1.500 го чекаат своето место на полиците. Проектот го покренале пред седум месеци, а книгите се распределени по сектори: од љубовни романи, преку детски книги па сè до бизнис-прирачници. На почетокот библиотеката ја користеле само вработените во комуналното претпријатие на округот Џанкај (околу 700 лица), но сега е отворена за јавноста и работи 24 часа на ден.

Во неодамна реновираната фабричка зграда се сместени библиотеката, кафетерија и берберница, па многу брзо ова стана омилено место за одмор на вработените во компанијата. Тие за време на паузата можат тука да читаат, да испијат чај или да играат шах. Сите книги се изнајмуваат бесплатно, најдолго на две недели.

„Многумина доаѓаат да ја видат библиотеката и ни оставаат доброволни прилози“, истакна управникот Уртекин.

Некои дури и им испраќаат книги преку пошта.
Во план им е да организираат и мобилна библиотека, со која на секои 15 дена ќе ги посетуваат училиштата. Им се јавиле многу деца што немаат библиотеки во своите училишта, но изборот на книги сè уште не е голем. „Ние сме многу задоволни. Проектот ни даде нов идентитет“, вели Уртекин.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура