X
 26.01.2018 Култура

Наскоро балканска „Игра на тронови“?

серија
Фото: НВО

Ејч-би-о ќе снима серија за историјата на Балканот по примерот на „Игра на тронови“, а сценариото го потпишува Небојша Ромчевиќ.

Тој вели дека сценариото за серијата „Агнус Деи“ („Јагне божјо“) го пишува веќе две години, а приказната се случува на Балканот и е малку митска, историска и вонвременска.

„Ќе се обидеме да ги прикажеме нашите ридски простори во сите парадокси. Јас го пишувам сценариото на српски, а подоцна ќе има и превод на англиски. Во серијата ќе се зборува турски и бугарски“, вели Ромчевиќ.

Покрај работата на факултет, тој стои и зад серијата „Вистини и лаги“, додека работата за серијата на Ејч-би-о ја добил преку „Скајп“.

„Ми понудија соработка, им се допадна тоа што го пишувам. Се договоривме преку ’Скајп‘, а договорот ме обврзува да не откривам ништо освен името на серијата“, вели тој.

Ромчевиќ вели дека телевизијата во последните години доживеала голем авторски пробив.

„Потрагата по идеи и теми е глобална, а потрагата по нови ликови е она од кое зависат сите телевизии“, објаснува професорот.

Ејч-би-о, телевизиската мрежа што ги прослави „Сексот и градот“, „Игра на тронови“ и многу други серии, сè уште нема соопштено кога ќе почне снимањето на овој проект.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура