Марк Зукерберг неодамна најави големи промени на „
Фејсбук“ велејќи дека оваа мрежа ќе се сврти кон своите корисници и на неа ќе се преферира комуникацијата меѓу пријателите и роднините, за сметка на комерцијалните содржини и вести.
Тој истакна дека е сосема свесен дека истото би можело да се одрази врз посетеноста, односно да го скрати времето што корисниците го поминуваат на оваа мрежа. Но, според истражувањата, оваа промена би ги направила корисниците позадоволни и посреќни, во споредба со стерилното следење на новитетите и вестите на оваа мрежа.
И додека дел од луѓето ја пофалија оваа одлука, стручните лица за маркетинг и компаниите чие дејствување сè повеќе зависи од „Фејсбук“, но и инвеститорите и аналитичарите, воопшто не се задоволни од ваквата одлука на Зукерберг.
Имено, според мислењето на аналитичарите Бенџамин Шахтер и Ед Алте од „Меквари капитал“, овие краткорочни одлуки, кои би можеле негативно да влијаат врз работењето, односно врз приходите на компанијата, се уште еден потсетник за сите инвеститори колку всушност е голема моќта на Зукерберг во компанијата, кој како основач сè што ќе науми, ќе може и да го оствари, па дури и кога инвеститорите не се согласуваат со тоа.
Проблемот е во тоа што тој го контролира поголемиот дел од акциите и има апсолутна моќ во носењето одлуки, така што може да се случи да донесе и одлуки што потенцијално би биле штетни за компанијата, односно за нејзините инвеститори, кои во таквите ситуации би биле прилично немоќни.
Шахтер и Алте велат дека иако променувањето на фокусот на основачот на „Фејсбук“ е за поздравување затоа што ги става луѓето во преден план, сепак, како финансиски аналитичари, таквата стратегија ги загрижува.
Со оглед на метеорскиот раст на цените на акциите и вредноста на „Фејсбук“, Зукерберг ретко досега беше цел на критики, но ситуацијата треба да се следи во следните неколку месеци, кои ќе покажат какви финансиски резултати ќе бидат реализирани во текот на годината.
Ако инвеститорите почнат да губат дел од профитот поради неговите одлуки, веројатно ќе следува сериозен притисок врз основачот и шефот на компанијата за промена на правецот во дејствувањето, кое и натаму ќе им обезбедува големи средства на акционерите.