X
 29.01.2018 Живот

Основачот на „ИКЕА“, осмиот најбогат човек на светот, живеел многу скромно

ikea

Веста за смртта на основачот на „ИКЕА“, Ингвар Кампард, погоди многумина од бизнис-заедницата, но и верните клиенти. Медиумите објавија детали за неговиот живот, кои досега не ѝ беа познати на јавноста. Иако бил осмиот најбогат човек на светот, живеел многу скромно.

Бизнис-магнатот бил родум од малото место Пјатеруд во Шведска, а компанијата ја основал кога имал 17 години. Иако неговото богатство вреди 58,7 милијарди долари, Кампард не се рафрлал со пари.

Својата облека ја купувал само од „секнд-хенд“ продавници. Штедел и на сопствениот превоз. Возел старо „Волво“ со години, летал во економска класа на подолги релации и одбивал да користи такси-превоз, користејќи го јавниот. Дури последните неколку години од животот, почнал да вози „Порше“-автомобил.

Ги рециклирал вреќичките чај, а бил познат и по тоа што собирал кесички со сол и бибер од рестораните.

Почнал да работи на осумгодишна возраст. Продавал ќибрити. Набрзо го проширил подрачјето на продажба, така што со велосипед одел до блиските места за да продава.

После тоа, продавал и риби, божиќни декорации, семиња и моливи. На 17 години, почнал да работи со мебел. Прво продавал реплики на кујнската маса на вујко му, за денес „ИКЕА“ да продава мебел ширум светот. Ја насловил својата компанија според почетните букви од своето име и презиме како и фармата каде се родил – Елмтарид во селото Агунарид.

Не сакал да го плаќа високиот данок на добивка во Шведска, па според наводите на „Форбс“ одлучил да се пресели во Швајцарија во 1976 година, но се вратил во родната земја  40 години  подоцна кога биле усвоени реформите на даночните закони, кои донеле пониски даночни стапки.

Кога станува збор за неговиот приватен живот, имал два брака, како и три биолошки синови и една посвоена ќерка.
Подготвил: Б.Б

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот