X
 15.03.2020 Економија

Бил Гејтс го напушта управниот одбор на „Мајкрософт“

Бил Гејтс, еден од основачите на „Мајкрософт“, го напушта управниот одбор на компанијата за да се посвети на своите филантропски активности. Тој вели дека сака да се фокусира на здравјето, развојот и образованието во светот и да работи на климатските промени.

Бил Гејтс, еден од најбогатите луѓе во светот, има 65 години. Освен управниот одбор на „Мајкрософт“, Гејтс го напушти и управниот одбор на „Беркшир Хетавеј“, компанијата на милијардерот Ворен Бафет. Гејтс престана да управува со „Мајкрософт“ во 2008 година. 


Фото: Pixabay

- Очекувам оваа следна фаза да биде можност да ги задржам пријателствата и соработките што најмногу ми значеле, да продолжам да давам придонес за двете компании со кои премногу се гордеам и ефективно да работам на некои од најголемите светски предизвици - вели Гејтс.

Гејтс се наоѓа на второто место на листата на „Форбс“ со најбогати луѓе во светот, веднаш по основачот на „Амазон“, Џеф Безос. Богатството на Гејтс се проценува на 103,6 милијарди долари. Тој се збогати развивајќи компјутерски софтвер. Се откажал од студиите и се преселил во Ново Мексико за да ја основа „Мајкрософт“ со неговиот пријател Пол Ален, кој почина во 2018 година.


Фото: Wikipedia

Успехот пристигнал во 1980 година кога компанијата потпишала договор со ИБМ да изгради оперативен систем. „Мајкрософт“ се котирала на берзата во 1986 година и за една година, на 31-годишна возраст, Гејтс станал најмладиот милијардер што сам го заработил богатството.

Гејтс бил дел од управниот одбор на „Беркшир Хетавеј“ од 2004 година, но посветува голем дел од времето на хуманитарната организација која ја води со својата сопруга. Бил и Мелинда Гејтс во 2018 година биле прогласени за најдарежливи филантропи откако донирале 4,8 милијарди долари во фондацијата.

Извор: Би-би-си
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија