Возачка дозвола кандидати ќе може да стекнат само со наполнети 17 години, а не 16 како што беше досега. Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидени се промени во делот на условите за стекнување со право за оспособување за управување на моторно возило од „Б“ категорија за дете.
Имено, во однос на возраста со која што дете може да се стекне со право за оспособување за управување со возило, предвидено е детето да има наполнето 17 години, а не со наполнети 16 години, како што досега предвидуваше Законот.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата соопшти дека со новите измени нема потреба детето-кандидат за возач да има одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година, како што досега предвидуваше ЗБСП, ниту пак има потреба од писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое учи детето.
Покрај условот кој што се однесува за возраста на детето, потребно е да бидат исполнети и следните услови: детето треба да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило, да има завршено најмалку основно образование, и да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар.
Оспособувањето за управување со моторно возило на дете се врши со зголемен број наставни часови од практичниот дел на наставната програма за 30% во однос на бројот на наставни часови од практичниот дел на наставната програма, предвидени за останатите кандидати за возачи.
Дете кое поседува возачка дозвола од „Б“ категорија не смее да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20:00 до 05:00 часот, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател кој седи на предното седиште, кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија и на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Дете-возач не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, ниту пак со брзина поголема од 100 km/h на автопат.