X
 02.02.2018 Образование

Стотици студентски трудови и идеи промовирани на Архитектонскиот факултет

Ги изложуваме вашите проекти јавно, токму затоа што тоа е тешко. Тоа што ќе го правите во иднина секако ќе биде под влијание на тоа што сте го направиле денеска. Тоа нема да влијае само на вас, ами и на илјадници луѓе, кои ќе живеат во вашите згради, вашите простори - на студентите им порача деканот Огнен Марина

- Ова е моментот кога станувате повеќе од студенти. Денеска вие сте автори кои се одважиле да ги покажат своите идеи. Тоа не е едноставно и не го може секој. Подготвени сме за најлошата критика од колегите, ама и за најсјаните пофалби, исто така вообичеано од колегите – ова се дел од зборовите што деканот на Архитектонскиот факултет од Скопје, проф.д-р Огнен Марина, ги упати до студентите-учесници на изложбата на дела од зимскиот семестар по предметот „Архитектонско студио“.


Деканот Огнен Марина ги поздрави студентите

Пред бројна публика на студенти, професори во големата сала на овој факултет беа изложени стотици дела сработени во последниот семестар на учебната година. Оваа изложба, прв пат годинава со поголема отвореност кон јавноста, се организира по шести пат, односно во изминатите 11 семестри.
- Тоа се повеќе од илјада проекти. Тоа се, исто така илјада и повеќе студенти кои денес повторно стојат едни до други. Стотици непроспиени ноќи, студентите на Архитектура знаат што значи тоа, но тоа се и стотици пријателства и соработки коишто верувам ќе траат. Само најдобрите остануваат на крајот. Ги изложуваме нашите проекти јавно, токму затоа што тоа е тешко. Тоа што ќе го правите во иднина секако ќе биде под влијание на тоа што сте го направиле денеска. Тоа нема да влијае само на вас, ами и на илјадници луѓе, кои ќе живеат во вашите згради, вашите простори. Затоа креацијата во архитектурата не е едноставна, таа има свои закономерности, свои последици за кои мораме да сме свесни. Креацијата никогаш не е само уметничка, таа секогаш е техничка, ами е убава и етичка – истакна Марина.


Професори раководители на неколкуте архитектонски студија при факултетот, ги образложија делата на своите студенти.
На свеченоста беше прогласена и најдобрата студентка на овој факултет. Станува збор за Марија Петрова за 2016/2017 година. Таа има најдобар просек од сите студенти во трета година (9.93), а и на ниво на цел факултет. Наградата – комплет книги и ја врачи проф.д-р Михаил Токарев, кој се потсети на времето, како што рече „во далечните 60-ти години, бил прогласен за најдобар студент“.
Денеска беа соопштени и наградените проекти на студентскиот конкурс за изработка на фасада на Цементарницата Усје. Беа изложени 12 проекти, од кои четири беа наградени со прва награда. Изложбата „Индустрија во град“ е постаена во просторот наречен сквер на Архитектонскиот факултет.

Наградената студентка Марија Петрова

- Ова не е само една од низата конкурси. Оваа можност е резултат на идејата дека Архитектонскиот факултет, освен научната и наставната дејност, има и сериозна општествена дејност. Архитектонскиот факултет јавно демонстрира дека е подготовен да ги преземе сите предизвици и одговорности што произлегуваат. Подготвени сме за природната соработка со градежништво, со индустриите. Со оваа изложба потврдуваме дека високо ги цениме нашите студенти кои се подготвени за многу поголеми предизвици. Се надевам дека вака придонесуваме за подобар град, за подобро општество – истакна деканот Марина на отворањето.


Извршниот директор на Цементарница Усје, Борис Хрисафов изрази огромно задоволство за соработката и истакна дека иако на почетокот со мала скепса гледале на тоа какви проекти ќе добијат на конкурсот, сепак, резултатот ги одушевил.

Деканот Марина, директорот на Усје, Борис Хрисафов, професорите Александар Радевски и Јован Ивановски (од лево кон десно)

Сите проекти беа работени или во тандеми или група студенти. Наградата изнесува 15.000 денари, a aвторите на останатите осум проекти добија по 2000 денари, за да го покријат трошокот за подготовка на проектот.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование