Понекогаш имагинацијата на архитектите оди малку предалеку, а инвеститорите се подготвени да ја прифатат нивната визија, па така се создаваат градби што кај луѓето предизвикуваат чудење, восхит, воодушевување, па дури и страв. Поради тоа настанала веб-страницата „Ивлбилдингс“, која во последно време е доста популарна и е посветена на градби што изгледаат страшно и злобно. Посетителите сами можат да поставуваат фотографии од градби од целиот свет, а досега се имаат регистрирано над 97.000 луѓе.
Освен што кај луѓето треба да предизвикаат непријатност и морничавост, некои од зградите што можете да ги видите потсетуваат на домови на лошите ликови од стриповите, додека други асоцираат на бункери, воени тврдини, затвори, футуристички градби, па дури и на вонземски згради. Ако ве интересира како изгледаат, ви даваме преглед нанајстрашните.
Општината во Филаделфија, САД
Иако на оваа фотографија предизвикува страв, Општината во Филаделфија во 2007 година се најде на 21-то место од листата со омилени американски градби од страна на Американскиот институт за архитектура. Проектот за нејзината изградба го создал шкотскиот архитект Џон Мекартур Џуниор, а била градена од 1871 до 1901 година. Биле потрошени 24 милиони долари. Градбата требало да биде највисоката во светот во тоа време, но за време на градбата била претекната од Ајфеловата кула и споменикот на претседателот Вашингтон.
Хотел „Рјугјонг“, Пјонгјанг, Северна Кореја
Највисоката ненаселена градба во светот требало да биде отворена во 1989 година, но поради финансиски проблеми, никогаш не била отворена за јавноста. Хотелот има 105 ката и е висок 330 метри, а секое од неговите три крила има база долга 18 метри. На врвот има осум ката кои би требало да се ротираат.
Свадбената палата, Ашграбат, Туркменистан
Палатата за венчавки се состои од 11 ката и се простира на повеќе од 38.000 квадратни метри. Во својата конструкција содржи топка со дијаметар од 32 метри, а има шест сали за венчавки, сали за прослава со капацитет до 1.000 гости, кафулиња, продавници, хотел, изнајмување на автомобили и подземна гаража.
Опера „Адан Мартин“, Санта Круз, Тенерифе
Изградена според проектот на познатиот архитект Сантијаго Калатраве Валс, оваа градба е прва од ваков вид, изградена на начин на кој има потпора само на две точки, додека се чини дека нејзиниот врв ѝ пркоси на гравитацијата. Некои луѓе велат дека градбата потсетува на канџа или на опашка на скорпија.
Институтот за експериментална медицина, Берлин, Германија
Проектот на германскиот архитект Герд Ханск, познат по бруталистичките градби, бил завршен во 1980 година и е дел од Универзитетот во Берлин. Потсетува на воен брод, а името „глувчешки бункер“ зградата го добила благодарение на својата првична намена кога во неа се извршувале експерименти врз животни.
Џинбочо театар, Токио, Јапонија
Уметничкиот центар сместен помеѓу тесните улици на Токио содржи театар, кино и простор за проби. Проектиран е во архитектонското студио „Никен Секеи“, кое го работело и „Камп Ноу“.
Музејот „Риверсајд“, Глазгов, Шкотска
Музејот бил изграден во 2011 година, а
градбата чинела 74 милиони фунти. Проектот е дело на архитектонската фирма „Заха Хадид архитектс“. Во текот на 2015 година музејот бил посетен од милион луѓе, со што претставува петтата најпопуларна атракција во Шкотска.