Надежда Илиева ја запознавме при нашата посета на Велес. Факултети мк. февруари ќе го посвети на градот Велес, од каде што ќе носиме интересни приказни.
Надежда секогаш гордо го носи македонското знаме
Хонг Конг, Рио де Жанеиро, Романија, Швајцарија... Долга е листата со градови и земји во кои велешанката Надежда Илиева, ученичка во четврта година во „Јахја Кемал“, освоила многу награди и пофалници на математички натпревари.
- Математиката претставувала и сѐ уште претставува место каде што можам најдобро да се изразам себеси и да применам логичко размислување за да изнајдам решение за некој проблем. Голем придонес за ова, секако, имаа моите родители и наставници, кои ми посветија внимание и ми овозможија да се развивам на тоа поле – вели таа.
Секоја награда ѝ е драгоцена на посебен начин бидејќи претставува резултат на многу вложен труд и напорна работа. Вели дека признанијата, како и самите натпревари, ѝ овозможиле да запознае многу нови луѓе, да склучи нови пријателства и да посети различни места во светот.
Наградите и признанијата на Надежда
- Особена чест ми беше што ја претставував нашата земја двапати на Интернационалната математичка олимпијада во 2016 и во 2017 година во Хонг Конг и во Рио де Жанеиро. За најголем успех ги сметам освоената пофалница на Интернационалната математичка олимпијада (IMO 2017) и златниот медал на Европскиот математички куп (EMC 2015). Сепак, награда што најмногу ми значи е бронзениот медал што го имам освоено на Јуниорската балканска математичка олимпијада, одржана во Белград 2015, бидејќи тоа ми беше првата поголема и истовремено меѓународна награда што сум ја добила – раскажува Илиева.
Таа е матурантка во приватното училиште „Јахја Kемал“ и раскажува дека образовниот процес во училиштето е доста флексибилен и на талентираните ученици им остава многу простор за подготовки за натпревари.
- Исто така, училиштето организира дополнителни часови, кампови за подготовка на своите ученици и нивно успешно учество на натпреварите.
Ја прашавме и дали е задоволна од државната стратегија за талентираните ученици и што би требало да се промени?
- Сега талентираните ученици добиваат државни стипендии само врз основа на нивните успеси, што, според мене, е позитивно, меѓутоа не беше отсекогаш така. Поради дискриминацијата и поделбата на учениците од приватни и од државни училишта при распределбата на стипендиите, неколку пати бев одбиена. Исто така, трошоците за учество на сите натпревари надвор од Македонија досега мораа да бидат покриени од моите родители. Со оглед на тоа дека ја претставуваме нашата држава надвор од границите, мислам дека треба да бидат покриени патните трошоци, како што е случај во другите држави – вели таа.
Илиева ќе матурира оваа година и планира да студира на електротехнички факултет. Вели дека сега е во фаза на избирање на вистинското место за неа, но иднината не може да ја замисли одвоена од математиката.
Ова се математичките натпревари на кои добила награди и признанија во средно училиште:
* International Mathematical Olympiad:
Honorable Mention (2017, Rio De Janeiro); Participation (2016, Hong Kong)
* European Girls’ Mathematical Olympiad:
Honorable Mention (2017, Zurich); Participation (2016, Romania)
* Balkan Mathematics Olympiad:
Honorable Mention (2017, Ohrid)
* Junior Balkan Mathematics Olympiad:
Bronze Medal (2015, Belgrade)
* European Mathematical Cup:
Gold Medal (2015)
* Iranian Geometry Olympiad:
Bronze Medal (2016), Honorable Mention (2017)
* Asian Pacific Mathematical Olympiad:
Honorable Mention (2017)
* Mediterranean Mathematics Competition:
Silver Medal (2017)
* Macedonian Mathematical Olympiad:
Bronze Medal (2015), Bronze Medal (2016)
* Junior Macedonian Mathematical Olympiad:
Silver Medal (2015)