X
 12.03.2018 Култура

Тројца на мускули ја носат музејската дејност во Централна Македонија

Почетоците датираат од 1946 година кога во рамките на велешката гимназија била основана музејската збирка. Ја создал човекот кој подоцна ќе стане третиот архиепископ на возобновената Охридска архиепископија


Етнолошка поставка има, вработен етнолог нема   Фото: Народен музеј од Велес

Тројца музејски работници „поделени“ во четири одделенија ја носат на свои плеќи музејската дејност во централниот дел на Македонија. Кубури со кадар Народниот музеј во Велес и ако проблемот не се реши наскоро, за неколку години работата на институцијата сосема ќе биде блокирана. Ситуацијата е алармантна, известени се сите надлежни – и локалната самоуправа и централната власт.

Музејот има четири одделенија – за археологија, историја, историја на уметност и етнологија. Во моментот одделението за етнологија нема кадар. Во музејот има вкупно осум вработени, но само тројца се профилирани музејски кадри – носители на дејност. Археологот, д-р Анита Василкова-Мидоска ја извршува и функцијата на в.д. директор.


Амбиент во етнолошката поставка

- Кадровски, состојбата не е сјајна. Има само осум вработени, а тоа е предизвик во една ваква голема институција. Во наредните пет години може да се случи 60-70 отсто од нив да си заминат во пензија. Ќе останеме со помалку од пет луѓе. Ситуацијата е алармантна. Сите сме свесни за кадровскиот дефицит. Со години посочуваме дека треба да се реши овој проблем – ова е музеј со богати збирки и музејски предмети. Покрај обврските поради кои сме вработени, во моментот ги вршиме и сите други дејности што се наметнуваат, а мора да ги сработиме за да се реализираат проектите и идеите – објаснува Василкова-Мидоска.

За да функционира музејот, неопходно е во секое одделение да има барем два-тројца вработени кои ќе бидат носители на дејност. За состојбата се информирани и градоначалникот Аце Коцевски и надлежните во Министерството за култура и се прават обиди да се интервенира каде што е најнеопходно.


Анита Василкова-Мидоска ја врши функцијата и на единствен археолог и на в.д. директор на музејот

Решавањето на проблемите во велешкиот музеј е прилично комплицирано. Пред петнаесетина години, со децентрализацијата, за велешкиот музеј надлежна стана локалната самоуправа. Тоа дополнително ги усложнува нештата, па аплицирањата за согласност за нови работни места се малку посложени.

Кој архиепископ го создал музејот?


Народниот музеј во Велес е културно-просветна научна установа со примарна музејска дејност. Институцијата е надлежна за териториите на општина Велес, Чашка и Градско. - Тоа е огромна територија - најголемиот дел од централното подрачје на Македонија е под јурисдикција на музејот во Велес – објаснува Василкова-Мидоска.


Архиепископот г. г. Гаврил, човекот кој го основал велешкиот музеј   Фото: Википедија

Почетоците датираат од 1946 година кога во рамките на велешката гимназија била основана музејската збирка. Се состоела од археолошки, историски и етнолошки предмети. Иницијатор за создавање на збирката бил тогашниот професор Ѓорѓи Милошев, кој по ослободувањето дошол во Велес да работи во гимназијата како професор по јазици.
- Тоа е личноста која подоцна ќе стане третиот архиепископ на возобновената Охридска архиепископија, г.г. Гаврил. Збирката е создадена по негова иницијатива и денес таа е изложена во велешката гимназија. Тоа се претежно историски и археолошки, најмногу етнолошки предмети. Од историски материјал имало некои документи и материјал поврзан со Кочо Рацин. Ѓорѓи Милошев бил еден од најревносните и најдобрите проучувачи на делото на Кочо Рацин. Што се однесува до археолошките предмети, тоа се случајни наоди откриени на територијата на општините Велес, Градско, Чашка, дури и Гевгелија, и биле донесени тука – раскажува Василкова-Мидоска.


Од последната археолошка поставка, која во моментот е повлечена и се реконципира

Полека збирката почнала да се зголемува. Во 1955 година официјално се основа Народниот музеј во Велес. Збирката била однесена во Куќата на Пеневи, во центарот на градот каде што денес се наоѓа стоковната куќа. Во оваа куќа музејот опстојувал дузина години. Збирката повторно се зголемила, па во 1967 година музејот се преселил во објектот каде што се наоѓа и денес - зградата на околискиот одбор изградена во 1926 година. Кога бил создаден, музејот имал статус на околиски музеј и под негова ингеренција биле териториите на целото Повардарје – Велешкиот, Тиквешкиот, Демиркапискиот и Гевгелискиот Регион. Затоа денес во збирките има предмети што ги опфаќаат сите територии - од Гевгелиско до Скопско.

Со одредени законски измени, пред 15 години музејот станал локална установа. Денес, покрај музејската зграда, институцијата е одговорна за спомен-куќите на Коста Солев Рацин и на Васил Главинов, Спомен-костурницата на паднати борци од Велес и Велешко во НОБ и Меморијалниот музејски комплекс во Горно Врановци. Се грижи и за спомен-куќите на Касапови и на Јордан Хаџи Константинов-Џинот.

Велес годинава ќе добие лапидариум


Музејот располага со изложбен простор од околу 800 квадратни метри. На оваа површина се претставени најрепрезентативните примероци од историската, збирката за историја на уметност и од етнолошката збирка. Не може да се одмине ниту археолошката збирка, која во моментот е затворена поради градежни зафати од минатата година. Во тек е подготовката на новата археолошка поставка, каде што ќе бидат инкорпорирани и наоди откриени во последните десет години, а се значителни и репрезентативни.


Историската поставка

- Веќе е саниран дел од подрумот. Годинава планирам да го ревитализираме и пренамениме во лапидариум, каде што ќе бидат изложени камените споменици. На тој проект работам веќе четири години. Голем дел од камените споменици се депонирани во музејот, но никогаш не биле изложени. При крај е публикацијата каде што ќе бидат претставени сите камени споменици од збирката. Претежно се надгробни стели од римски период, но буквално го покрива целиот Повардарски Регион. Има репрезентативни примери кои покажуваат влијание и од територијата на денешна Северна Грција, некогашна античка Македонија или римска провинција Македонија – вели Василкова-Мидоска.


Публика има, но мора презентациите да се прават што поинтересни

На прашањето каква е посетеноста на музејот, таа одговара дека секогаш има простор да се заживее, да се претстави на поинаков начин. Бидејќи музеологијата е наука и треба да се земаат предвид нови идеи. Секогаш кога се презентира некој музејски предмет, треба да се има на ум пред која публика се претставува.

- За разлика од научната публика на која ѝ треба малку вовед, за пошироката јавност подобро е сето тоа да биде со анимации, поедноставни примери и презентации. Така полесно ќе го сфати духот на тоа време. А технологијата го дозволува тоа. Европа подолго време оди на пристапот на интересни презентации со анимации и навистина ефектот е поголем. Кога ќе видиш нешто, не можеш да го заборавиш. Јас ги паметам, а камоли човек или дете кое нема директна врска со науката – објаснува Василкова-Мидоска.
Музејот има добра соработка со сите организации од Велес. Редовно ги посетува Армијата на Македонија - регрутите и кога имаат официјални посети. Училиштата и градинките често прават проекти во кои се вклучува музејот.
- Децата ги посетуваат збирките, а ние се претставуваме пред малата публика. Така ја подготвуваме да ги посетува културните установи – вели Василкова-Мидоска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура