X
 27.03.2018 Култура

Кире Ацевски, млад актерски талент: Сонувам да работам во велешкиот театар

Кире е еден од најталентираните ученици во ова училиште, од глума, до музика и уметност. Свири на клавир, убаво пее, но е исклучително талентиран за глума – вели професорката по македонски јазик Магдалена Сарагинова.


 
Не е никаква тајна дека Велес е лулка на театарската уметност во Македонија, дека тука е напишан првиот драмски текст на македонски јазик од преродбеникот и учител Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, а во градот на Рацин на театарската сцена првпат настапила жена - актерката Тенка Коларова. Велес изродил неверојатни актерски таленти, a доказ за тоа е и творештвото на Петре Прличко. При нашата посета на Велес запознавме млад актерски талент, средношколецот Кире Ацевски, кој сонува да ги достигне успесите на врвен актер. Тој е почитуван и од неговите соученици и од професорите во гимназијата „Кочо Рацин“, каде што е матурант.
- Кире е еден од најталентираните ученици во ова училиште, од глума, до музика и уметност. Свири на клавир, убаво пее, но е исклучително талентиран за глума – вели професорката по македонски јазик Магдалена Сарагинова.


Фото: Виктор Миладинов
Актер од 11-годишна возраст

Тој е позната личност во средношколските кругови во Велес, па средношколците од новинарскиот клуб од неговото училиште веќе му направија интервју. Ацевски досега глумел во многу претстави додека бил во основно, како и сега во средното училиште. Иследникот во „Нонча Камишова - нејзината борба“, Бенедик во „Многу врева за ништо“ се само дел од нив, а искуство како статист има и на филм и во серии.
- Животна желба ми е да бидам професионален актер. Со актерство се занимавам од мојата 11-та година. Тоа е наследно, мојот дедо бил аматер актер. Немал финансиска можност да се занимава и професионално. Годинава ќе аплицирам на Факултетот за драмски уметности, во моментов сум во фаза на избирање улога со која би аплицирал на приемниот испит. Се надевам на успешни резултати – вели Ацевски.

Редовен посетител на театарот во Велес

Во велешката гимназија глумел во четири претстави, и вели дека доживеале голем успех.
- Овие претстави се моја отскочна штица за понатаму. Сега знам како изгледа подготовка за лик, претстава, што се театарските проби и целиот процес до пред самата премиера – раскажува Ацевски.



Негова најголема желба е да стане актер на велешкиот театар, во кој е редовен посетител и претставите ги гледал и по неколку пати. Тоа е негов втор дом. Не сака да издвои кој актер му е идол бидејќи смета дека секој има специфичен талент и секој си е свој.
- Статист бев во три долгометражни филма и тоа е сосема поинаков свет и многу убаво искуство. За разлика од театарот каде што нема втора шанса, тука е предност што сцените може да се преснимуваат. Се надевам дека прво ќе успеам да се запишам на Академија, тоа ми е најголема желба, а потоа и ќе покажам што сум научил во театар, а зошто да не и во филм.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура