X
 08.03.2018 Култура

Куќата што лебди во Велес

Работилниците за зачувување на старите занаети се одржуваат во соработка со училиштата. Во Куќата на Рацин има грнчарска работилница, во таа на Главинов – столарска работилница. Во куќите на Касапови и на Џинот учениците учат техники на предење, ткаење


Куќата на Касапови

Куќата што лебди. Така е наречена Куќата на Касапови, еден од специфичните примери на традиционалната архитектура во Велес. И вистина, кога ќе погледнете од еден агол, го гледате само катот, потпрен на еркери, кој излегува од основата на куќата, како да лебди над карпата.


Куќата на Касапови пред санацијата

Четири спомен-куќи има во Велес што говорат за минатото, за богатата традиција, за силниот интелектуален капацитет кој го дал овој град во срцето на денешна Република Македонија. Денес сите се во солидна состојба. Не било секогаш така. Долги години не беа во употреба, руинирани и пред распаѓање. Поминале децении откако сите тие дејци чекореле, живееле во тие одаи. Денес, низ нив чекорат туристите, најмногу учениците.


Анита Василкова-Мидоска, директорка на Музејот во Велес

Под ингеренции на Народниот музеј од Велес се спомени-куќите на Коста Солев Рацин и на Васил Главинов. Општината е сопственик на куќите на Касапови и на Јордан Хаџиконстантинов-Џинот, но Музејот се грижи и за овие два објекта, со помош од Општината.

Спомен-куќите беа руинирани, но сите проблеми денес се санирани и се навистина репрезентативни, вели д-р Анита Василкова-Мидоска, директорка на Народниот музеј во Велес.
- Како и во секоја куќа, постојано се појавува понекој проблем, но тие не се сериозни и лесно се надминуваат. Планираме буџет за проблемите што тековно настануваат. Спомен-куќите се многу интересни за посета. Особено ги поздравувам основните училишта од цела земја. Има иницијатива и ги посетуваат, особено Куќата на Кочо Рацин. Тоа е дел и од наставната програма. Добро е бидејќи имаме интеракција со посетителите и знаеме што ги интересира, од друга страна, го популаризираме она што го имаме – раскажува таа.


Спомен-куќата на Коста Солев Рацин

Цените се повеќе од симболични. Билетите за деца чинат 10 денари, 20 денари за возрасни, а 50 денари за странци. За групни посети има и извесни намалувања. Доаѓаат и странци, но:
- За жал, не можеме да зборуваме за Велес како за некој културен центар иако се смета дека оттука почнала културата во поново време во Македонија. Има многу значајни градби што говорат за историјатот на Велес, се поврзуваат со историска личност и денес се функционални. Во поглед на оваа интеракција со минатото и сегашноста, некои од градбите на Велес го овозможуваат токму оној непосреден допир со историјата – објаснува Василкова-Мидоска.


Ученици на столарска работилница во Куќата на Васил Главинов

Еден од начините за ревитализација се работилниците што се организираат секоја пролет, околу манифестацијата „Рацинови средби“. Секоја работилница е наменска.
- Семејството на Кочо Рацин не било богато, се занимавало со грнчарство. Сите овие дејци потекнуваат од сиромашни или средноситуирани семејства, но имале природен интелект, напредни идеи. Веројатно околината и сè што се случувало во градот во тоа време придонеле да се развие таа интелектуална нишка. Куќите на Касапови и на Џинот се прогласени за куќи на уметноста и таму во последните две години се одржува ликовната колонија „Папрадишки мајстори“ – објаснува Василкова-Мидоска.


Куќата на Џинот

Работилниците за зачувување на старите занаети се одржуваат во соработка со училиштата. Во Куќата на Рацин има грнчарска работилница, во таа на Главинов – столарска работилница. Во куќите на Касапови и на Џинот учениците учат техники на предење, ткаење, итн.

- Работилниците се наменети за велешките ученици. Најмногубројни се од основните училишта, доаѓаат средношколци, но и љубители на старите занаети. Има интерес. Тоа се интензивни курсеви и се базираат на волјата, ентузијазмот и желбата на децата што сакаат да научат нешто ново, и тие се за пофалба – објаснува Василкова-Мидоска.


Грнчарска работилница во Куќата на Рацин

Денес во Велес се изумрени речиси сите стари занаети. Градот бил познат по грнчарскиот занает, изработка на стомни, грнци и други грнчарски предмети.
- Има уште два-тројца грнчари, но тие се веројатно последните грнчари што го работат овој занает. Нема ниту заинтересирани од младите. Сè друго што беше познато во Велес како занаетчиски град е веќе изумрено и нема кој да го наследи – вели Василкова-Мидоска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура