Најактивните членови на новинарскиот клуб се матуранти. Со оглед на тоа што многу пишуваат за проблемите во македонското образование, сите имаат идеја како тоа би можело да биде многу подобро.
Учениците Габриела Лескова,
Верица Цветкова,
Марија Мирова,
Даниела Василевска,
Петар Лазаровски со менторката Сарагинова
Една од најстарите гимназии на Балканот, велешката „Кочо Рацин“, е една од ретките образовни институции во кои интензивно се негува културата кон пишаниот збор и новинарството. Десетина средношколци заедно со професорката Магдалена Сарагинова го одржуваат во живот новинарскиот клуб и пишуваат за најзначајните теми, но и проблеми со кои се соочуваат младите и градот Велес.
Пред 18 години гимназијата издавала и средношколски весник, кој се викал „Гимназијалец“. Директорката на гимназијата вели дека има иницијатива весникот повторно да излегува.
- Правиме напори овој значаен весник повторно да биде наш заштитен знак, се надевам дека наскоро ќе имаме убава вест – вели в.д. директорката Мимоза Костовска.
Се прават напори да оживее весникот „Гимназијалец“
Професорката Сарагинова, која во гимназијата е 18 години, вели дека весникот го правела со десетина ученици, а излегувал еднаш месечно.
- Голем ентузијазам постоеше кај учениците за да се направи таков весник. Сите текстови беа изработувани од самите ученици. За жал, престана да излегува пред повеќе години – вели таа.
Насловна од весникот „Гимназијалец“
Во гимназијата се активни литературен клуб и драмска секција, а еден од најатрактивните клубови за учениците е токму новинарскиот.
- Во последните три-четири години заедно со учениците почнавме да објавуваме текстови во средношколското списание „Медиум“. Децата пишуваат за најразлични теми, пишуваат колумни и навистина се успешни во тоа – вели Сарагинова.
За тоа каква атмосфера владее за време на подготовката на новинарските стории се уверивме кога ги запознавме младите новинари и нивната менторка во училишната библиотека. Неколку средношколци со огромна жар дебатираат за сите интересни теми што планираат да ги напишат.
Матурантката Габриела Лескова вели дека најмногу сака да пишува за македонското образование, како и за темите што најмногу ги засегаат младите.
- Новинарството е навистина прекрасна струка, дефинитивно сум многу вљубена во неа. Моментално ми е хоби, но можеби ќе биде и моја идна професија. Има многу проблеми во нашето образование, има за што да се пишува, но сметам дека пред сѐ сите треба да тргнеме од себе. Верувам во тоа дека ние треба да бидеме промената што сакаме да ја видиме во светот – вели Лескова.
Нејзината другарка Верица Цветкова, пак, вели дека секогаш внимателно ги избираат темите за кои пишуваат.
- Во библиотеката се собираме секој четврток по седми час и ако има потреба, и неколку пати во неделата. Дебатираме за некоја тема, разговараме, па така и одлучуваме за што да пишуваме – вели Цветкова.
Лескова, пак, додава дека пред неколку недели посетиле три новинарски куќи во Скопје и тоа за нив било убаво искуство.
- Можевме да видиме како е да се работи во вистински медиумски куќи. Читавме вести, беше многу интересно да се види како е да се биде во кожата на новинарите.
Во училиште треба да имаме простор и за сопствените ставови
Најактивните членови на новинарскиот клуб се матуранти. Со оглед на тоа што многу пишуваат за проблемите во македонското образование, сите имаат идеја како тоа би можело да биде многу подобро.
- Би сакала наставата да се одвива малку полабаво, да не е толку стегнато. Сметам дека во образованието треба да се зајакне воспитната улога, да водиме дебата за секојдневниот живот. Нам, учениците, ни треба повеќе простор и на училиште да може да си го кажеме ставот, своето мислење. Училиштето да не е само настава и учење – вели матурантката Марија Мирова.
Лескова додава дека образованието би можело многу да се подобри ако наставниците, но и самата наставна програма биде насочена кон откривање на талентите на секој ученик.
За својата менторка, професорката Сарагинова, учениците имаат најубави зборови.
Професорката Сарагинова
- Таа е секогаш тука за нас, не само кога е во прашање учењето. Ни помага со претставите, со подготовката на новинарските текстови. Сета таа добрина што ја има во неа нѐ мотивира да успееме во животот. Таа нѐ учи секогаш да се стремиме кон она што го сакаме – велат учениците од новинарскиот клуб.
Тие со свои текстови учествуваат и на многубројни конкурси и натпревари. На програмата „Млади репортери за животната средина“ ученикот Петар Андреев од трета година освоил трето место во конкуренција од 20 средни училишта. Под менторство на професорката Цветанка Карамаркова, Петар пишувал новинарска статија на тема „За 10 години наместо црн рид, зелена полјана“.