Татковци, бидете „кул“, им требате на вашите бебиња исто колку и мајките! Тоа и самите го знаевте, па и вашите сопруги, но сега имаме и доказ дека кога татковците си играат со своите деца, кога се целосно ангажирани, а притоа се смирени и внимателни, можат да влијаат врз комуникацискот и когнитивниот развој на своите деца. И тоа од првиот ден на нивното раѓање.
Ова го потврдува едно истражувањето во Велика Британија, под водство на тим од Империјал колеџ од Лондон, во кое биле набљудувани 128 татковци при нивната интеракција со своите деца. Поентата била да се види како се однесуваат татковците кон децата, какви врски создаваат, како се милуваат, играат, читаат и воопшто како го поминуваат времето со нив. И тоа со тримесечни бебиња, кога татковците веќе треба сето тоа да го прават секојдневно.
Во првата фаза од истражувањето биле набљудувани татковците со тримесечните бебиња, а во втората – истите тие бебиња, но на возраст од 24 месеци, по што им биле направени стандардни тестови за мерење на менталниот развој.
Резултатите што биле добиени се категоризирани како фасцинантни затоа што покажале навистина големи отстапувања, односно одлични резултати токму кај оние деца што поминувале квалитетно време со своите татковци, кои со целосно трпение и речиси без нервоза ги забавувале своите деца и се грижеле за нив. Токму ова е совршен доказ дека татковците во ниту еден случај не треба да бидат изолирани од грижата за своите деца, од самото раѓање.
Затоа, младите родители треба добро да внимаваат: мајката е мајка и секогаш ќе биде тоа, но токму ова истражување ја потврдува неопходноста на присуството на двајцата родители при одгледувањето и растењето на бебињата, од најрана возраст.