Само четворица специјалисти работат со 16 инкубатори. Докторите и сестрите се постојано на работа и на дежурства и веќе се и физички и психички исцрпени. На одделот за бебиња со подобри витални параметри може да се сместат триесетина бебиња, а исто така има само четворица специјалисти, за седум до осум бебиња се грижи една сестра.
Речиси педесет дена малиот Фудание расте и се развива во инкубатор на одделението за интензивна нега и терапија на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. Тој е роден во 24. гестациска недела со околу 600 грама родилна тежина и е најмал од 16 предвреме родени бебиња на овој оддел. За овие бебиња да можат да растат и да се развиваат, задолжени се четворица доктори специјалисти, кои деноноќно се грижат тие да ја добијат соодветната кислородна поддршка преку вештачка вентилација, потребната храна и лекови. Лекарите од одделот велат дека работата е тешка и динамична затоа што е недоволен кадарот на Клиниката кој се грижи за предвреме родените бебиња, но дека мотивот да им се помогне на што повеќе бебиња да преживеат е голем и затоа имаат многу добри резултати.