Родителите мора да бидат дигитално оспособени за да одговорат на барањата на времето и да ги следат своите деца на интернет, да знаат кои се нивните кориснички имиња и лозинки на
социјалните мрежи и какви содржини пласираат, вели државната секретарка на министерството за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.
Исто така, тие постојано треба да им повторуваат на децата дека не смеат да комуницираат со непознати луѓе на социјалните мрежи. Таа го посочи најновиот случај со фотографии на „Инстаграм“ каде што децата поставувале слики како користат дроги на различни места, на што реагирала државата преку своите механизми.
„Ова потсетува на трендот кој почна во 2016 година во Велика Британија, тренд на бизарни селфи-фотографии и игри на предизвици – каде што децата меѓусебно си задаваат бесмислени задачи кои често можат да им го загрозат и животот“, изјави Матиќ.
Таа смета дека такви предизвикувачки игри ќе има сè повеќе затоа што во дигиталната ера сето она што било поврзано со криминал, дрога и слично се преселува од улиците на новите платформи.
„Не е можно да се спречи појавата на вакви ситуации и вакви страници. Во овој момент постојат милијарда интернет-страници, а младите на возраст од 15 до 24 години, кои најмногу користат интернет, се главна целна група“, појаснува таа.
Таа потенцира дека во Србија веќе една година постои кол-центар за безбедност на децата на интернет, и иако на почетокот повеќе возрасни барале помош, сега бројот на повици постепено се изедначува.
Тие најмногу се интересираат за начинот на кој можат да ги задржат своите кориснички профили, доколку се случи кражба на идентитет, како да го пријават тоа, како да ги блокираат навредливите страници/групи и слично.
„Често се јавуваат и поради злоупотреба на фотографии, кражби на идентитети, но и поради сексуална експлоатација и предаторство. Имавме 28 такви предмети кои ги проследивме до обвинителството, 38 кои ги испративме до МВР, до министерството за образование – 18 предмети, шест до министерството за здравство и два до министерството за труд и социјална политика“, истакна Матиќ.