Според ново истражување за навиките во учењето на жители на Велика Британија, слушањето онлајн-курс може да ни помогне да напредуваме во кариерата, но тоа има и други поволности. Имено, повеќе од три четвртини (77%) од луѓето што учат онлајн забележале поволности и кога станува збор за нивното ментално здравје.
На интернет има многу извори од каде што може да се добијат дополнителни вештини и да се научат нови работи. Без разлика дали станува збор за учење нов јазик, учење програмирање или совладување нова вештина, слушањето онлајн-курс е одличен начин да се развие мозокот. Една од основните причини за слушање онлајн-курс останува желбата да се напредува во кариерата.
Фото: Pixabay
Според ново
истражување објавено од организацијата „Демос“, кое било поддржано и од „Гугл“, две третини од вработените во Велика Британија користат онлајн-алатки за да бидат подобри во работата, но само еден од петмина го прават тоа по препорака на нивните претпоставени.
Според истражувањето спроведено на 20.000 Британци, учењето на интернет ја зголемува просечната плата на вработените за околу 4.197 евра годишно, односно 2,3 евра за еден час. Освен тоа, еден во тројца користел онлајн-учење за да добие нова работа. Ова се добри вести. Но, податоците во истражувањето покажуваат и дека онлајн-курсевите го подобруваат нашето ментално здравје. Според извештајот, над три четвртини од луѓето што учат на интернет, односно 77% од нив забележале позитивни промени на менталното здравје како последица од учењето.
Фото: Pixabay
Овие бројки биле исти без разлика на предметот на учење. Ова не е првпат учењето да се поврзува со менталното здравје. Како што објаснува Луси Хакшо, тренер за лидери, пристапувањето на светот со љубопитност има потенцијал да ни помогне да го менаџираме нивото на стрес и да одбегнеме премор.
- Љубопитноста има многу поволности. Ни помага да ги гледаме проблемите како можности и дозволува течење на мислата, што поттикнува креативно и стратегиско размислување за решавање проблеми и адаптирање. Луѓето се родени љубопитни и желни за истражување и сакаат да бараат нови методи за завршување на работите. Но љубопитноста треба и да се одржува, особено во денешното општество во кое се распространети когнитивниот умор и премореноста - вели Хакшо.
Нареден пат кога ќе се почувствувате депресивни или ќе немате мотивација, обидете се со онлајн-учењето. На интернет има многу платформи за бесплатно учење, меѓу кои се и „Јутјуб“ и „
Опен Јуниверзити“. Доколку не сте сигурни како да почнете, може да се обидете со курсот за среќа на „
Јејл“.
Автор: Лорен Џиал
Извор:
Stylist.co.uk