X
 15.02.2018 Живот

25 принципи на зрелото однесување


Возрасен човек свртен кон фонтана
(Фото: Pixabay)


Визионерот од Силиконската долина, Џон Пери Берлоу (1947-2018), почина на 6 февруари на своја 70-годишна возраст, по долго боледување.

Берлоу почнал како одгледувач на стока, пишувал песни за групата „Грејтфул дед“, за потоа да стане активист за дигитални права и шампион на слободата на говор на интернет. Неговите идеи го одразуваат расположението на генерацијата која веруваше дека луѓето можат сами себе одново да се измислат во нов, виртуелен свет каде што нема да постои контрола од страна на властите, ниту национални граници.

Луѓето најмногу го помнат по неговиот прочуен џеферсоновски документ „Декларација за независност на сајбер-просторот“. Берлоу го напишал документот во една ноќ за време на Светскиот економски форум во Давос во 1996 година, како реакција на ароганцијата и игноранцијата на светските лидери кон новиот дигитален свет, но и на Законот за пристојна комуникација на тогашниот американски претседател Бил Клинтон, кој предвидувал забрана за навредливите содржини на интернет.

Иако некои ја критикувале Декларацијата поради наивност, сепак нејзиниот идеализам бил инспиративен. Големиот успех на декларацијата на Берлоу се поклопувал со неговото верување во проноја, што е спротивно од параноја: тоа е чувство дека цел свет се обединил за да ти помогне. Во реалноста, тој ја користел својата слава да им помогне на другите. Во 1990 година ја основал „Електроник фронтиер фандејшен“, фондација која водела судски битки против владите. Фондацијата за слобода на медиумите ја основал во 2012 година. Исто така, работел за воведување интернет во Африка, промовирал биогорива во Индија, демонтирал мини во Виетнам и се борел за легализација на марихуаната во Америка.

На своја 30-годишна возраст Берлоу напишал 25 принципи за зрело однесување, кои настојувал да ги почитува во текот на целиот живот.

25 принципи на зрело однесување:

1. Бидете трпеливи. Без оглед на сè.

2. Не зборувајте лошо за другите: повикајте ги на одговорност, но никогаш не обвинувајте ги. Не кажувајте го зад грб она што не би му го кажале на некого в лице, со истиот тон и зборови.

3. Никогаш немојте да претпоставувате дека мотивите на другите лица се помалку благородни од вашите.

4. Проширете го вашето чувство за она што е можно.

5. Не оптоварувајте се со работи што навистина не можете да ги промените.

6. Од никого не очекувајте повеќе од она што самите можете да си го дадете.

7. Толерирајте ја двосмисленоста.

8. Смејте се почесто на самите себе.

9. Грижете се за тоа што е исправно, а не кој е во право.

10. Никогаш не заборавајте дека колку и да сте сигурни, постои можност да не сте во право.

11. Откажете се од крвави спортови.

12. Сетете се дека вашиот живот им припаѓа и на другите. Не загрозувајте го бесмислено. И никогаш не  агрозувајте им го животот на другите.

13. Никогаш никого не лажете, од каква било причина. (Некогаш од ова правило може да се исклучи изостанувањето на вистината).

14. Сфатете ги потребите на луѓето околу себе и почитувајте ги.

15. Не трагајте по среќата. Настојувајте да ја дефинирате својата мисија и стремете се кон тоа.

16. Намалете ја употребата на личната заменка во прво лице.

17. Пофалувајте барем толку често колку што критикувате.

18. Никогаш не дозволувајте вашите грешки да поминат без лично да ги признаете.

19. Бидете помалку сомничави кон радоста.

20. Сфатете ја понизноста.

21. Простете.

22. Негувајте го достоинството.

23. Водете живот вреден да се запамети.

24. Сакајте се себеси.

25. Бидете истрајни.

Берлоу цел живот го посвети на тоа интернетот да стане „свет каде што сите ќе можат да влезат без привилегии или предрасуди кога станува збор за раса, економска моќ, воена сила или место на раѓање... свет каде што секој, каде било, ќе може да ги изрази своите уверувања, без оглед колку се поинакви од мнозинското мислење, без страв дека ќе биде присилен да замолчи или да му се покори на мнозинството“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот