X
 15.02.2018 Култура

Murder Ballads – катарзичен концерт кој предизвика морници кај публиката

Кога на едно место ќе се спојат два гласа кои стојат во љубов подготвени да допрат илјада луѓе, заедно со музичари од Филхармонијата предводени од единствениот Џијан Емин и аранжмани на светски популарни теми кои ја слават љубовта, тогаш добивате морници по телото во секоја минута од концертот.


Македонската филхармонија и годинава избра интересен концепт за славење на љубовта и виното со концертот со наслов Murder Ballads. Луѓето што на најдобар начин ја опеваа љубовта, и среќната и таа помалку среќната, Леонард Коен, Лу Рид, Ник Кејв, Том Веитс, Нил Јанг… првпат прозвучеа во нови аранжмани направени од Емин.

Најдобриот македонски вокал со меѓународна афирмација - Тања Царовска и пејачот на „Фолтин“ - езотеричниот Бранислав Николов ја заведоа публиката во двочасовното патување. Двајцата уникатни пејачи креираа еднакво моќни изведби и во солистичките настапи – Царовска особено во Woman од Portishead, Bang Bang од Ненси Синатра, Teardrops од Massive Attack…


Николов е од оние музичари што нема да ви подарат само вокална изведба и да се поклонат, ами го сфаќаат настапот како чин кој треба да се прави со целото тело и целата душа. Па ви доаѓа да се прашате дали уметникот е актер што пее или пејач што глуми.

Посебен ефект на концертот му даде и актерот Димитар Ѓорѓиевски од Прилепскиот театар со интерпретација на стихови. Антологиската One од „Ју-ту“ ретко некој успеал да ја интерпретира како што успеа Ѓорѓиевски.


Скопје синоќа беше центар на универзумот и на љубовта, а публиката излезе со единствена емоција, таква што некое време по концертот ве тера да молчите за да на ја расипете со зборови.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура