X
 30.12.2019 Култура

Тамара Котевска: „Не постои јас, постоиме ние“ ќе го понесам со себе во 2020

На крајот од годината сите природно се потсетуваме на годината што ни изминува, се мислиме што сме направиле убаво, што не, а  обично расте надежта дека ќе нѐ очекува подобра година. За Македонија беше година на големи предизвици. Со политика не можеме да се пофалиме, но со успеси во културата годинава, сигурно многу.

Ви претставуваме каква година имаа режисерката Тамара Котевска, режисерот Милчо Манчевски, диригентот Џијан Емин, актерките Весна Петрушевска и Тамара Ристоска, писателката Винка Саздова.



Тамара Котевска: „Не постои јас, постоиме ние. Тоа е она што ќе го понесам со себе во 2020“.

- 2019 година... Летаме веќе 10 месеци. Директно од премиерата на „Медена земја“ во Скопје, преку „Санденс“ за Хонг Конг, па за Лондон, Швајцарија, Сардинија, Барселона, Сараево, па Санкт Петербург, Северозападна Русија, па оттаму преку Перм, Централна Русија, за Иркутск, Сибир, крајниот југоисток на Русија, Америка... Лос Анџелес, Сан Франциско, Њујорк...
Од културата на бурјатско-монголските племиња покрај реката Ангара (ќерката на Бајкал) слетавме директно меѓу темнокожите, босоноги племиња на бреговите на реката Тунгабадра, која тече во срцето на храмот Хампи, во Карнатака, Јужна Индија... Оттаму, пак, преку најубавиот аеродром во светот – Сингапур, каде што е создадена најголемата стаклена ботаничка градина во светот, директно за Сиднеј, трансфер-станица до Нумеа, Нова Каледонија...

По 100 авионски карти и 20 награди на сите 4 страни од светот, без размислување ќе речам дека она што ми ја одбележа 2019 година беше главната награда доделена за „Медена земја“ - рачно изрезбаниот тотем од народот на Канаците од Нова Каледонија. Нова Каледонија има 28 локални јазици. Во ниту еден од нив не постои зборот ЈАС. За сѐ што се случува, Канаците се обраќаат со НИЕ. Сѐ што прави еден, ги допира сите. Доколку еден го прекрши правилото, сите ја плаќаат цената. НЕ ПОСТОИ ЈАС, ПОСТОИМЕ НИЕ. Тоа е она што ќе го понесам со себе во 2020.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура