X
 20.11.2020 Култура

Без фотоапарат на концерт е како да сум си ја оставила левата рака дома, вели Татјана Ранташа по повод изложбата на фотографии од македонски џез-музичари во Белград

На 24 ноември во главниот хол од Домот на младите во Белград ќе биде отворена изложбата „Џезтетика“ на Татјана Ранташа, а во организација на здружението Номад-Арт Скопје. Изложбата се состои од 35 црно-бели фотографии од различни генерации македонски музичари, на кои Ранташа работела во изминатите 15 години.

Ќе бидат прикажани фотографии од музичарите Влатко Стефановски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шаревски, Кирил Кузманов, Тони Китановски, Гордан Спасовски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, Сетстат, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други. Во рамките на изложбата свој настап ќе има и Гоце Стевковски Квинтет.




- Фотографијата за мене значи живот, радост, целосно исполнување на нештото што се случило, запис за визуелно паметење кој останува да живее како слика, дури и ако не ја погледнам никогаш повторно. Всушност, ако не сум го фотографирала нештото, тоа е како да не се случило. За мене, помислата да се биде на концерт, претстава, планина или патување без фотоапарат е како да треба левата рака да ја оставам дома. Во фотографиите ја внесувам целата моја емоција, енергија, внатрешен дух, начин на гледање. Мојата надеж е дека барем мал дел од тоа се пренесува и на публиката за која тие се наменети. Изложбата „Џезтетика“ е целосно посветена на посетителите. Тие ќе ја оценат, ќе ја оживеат и ќе ја понесат со себе. Изложбата опфаќа портрети на дел од современите македонски џез-музичари и навистина сакам тие емоции да се пренесат и кај луѓето што ќе дојдат да ја видат изложбата во Белград - вели Татјана Ранташа, автор на изложбата.



Идејата за името на изложбата „Џезтетика“ дошло по брејнсторминг со Милан Дамјановски.

- Тој ми е гуру за ова поле, низ разговор, бури од идеи дојдовме до името. Сакавме да биде кратко и фраерско. И токму овој збор ги опфаќа естетиката и музиката. Сценските уметности ги допираат сетилата, а фотографијата ги спојува визуелното и тоа што се случува во една друга естетика. Првите фотографии почнав да ги правам уште во средно, со апаратот на татко ми. Потоа полека се градиш како автор. Вистински се пронајдов на сцената, не само во музиката, туку многу сакам да фотографирам театар, танц - вели Ранташа.

Татјана Ранташа е реномиран фотограф со 15-годишно искуство зад себе, најмногу на полето на сценската фотографија. Дел од нејзините фотографии можат да се најдат во монографијата „30 години Скопје џез-фестивал“ и во книгите со музички интервјуа „Музика и муабети“ и „Уште музика и муабети“ на новинарот Ненад Георгиевски.



Редовно учествува и е наградувана на домашни и меѓународни изложби. Добитник е на прва награда за фотографија на Деновите на македонската фотографија и носител на престижната награда „Благоја Дрнков“. Самостојно изложувала на фестивалот БОШ, Гевгелија.

- За мене организирањето на изложбата на Татјана е можност преку нејзините фотографии да се претстават нашите џез-музичари и џез-култура, познати и непознати, пред публиката во Белград. Домот на младите во Белград е како нашиот МКЦ, односно институција каде што се случувале историски настани од културата. Оваа институција е и организатор на Белградскиот џез-фестивал кој за оваа година е закажан токму кога ќе заврши Џезтетика. И драго ми е што ќе имаме џез-изложба и концерт на Стевковски во средиштето на џез храмот и култура во Белград, вели организаторот Ненад Георгиевски.



Инаку, изложбата „Џезтетика“ првпат беше поставена во 2018 г. во Кинотеката на Македонија во рамките на гилмскиот фестивал Скопје синема сити, каде што настапи и Гоце Стевковски со неговиот квинтет, а беа прикажани и филмови за џез-музиката. И тогаш изложбата беше поставена од здружението Номад-Арт Скопје, но за изложбата во Белград организаторот и авторката го проширија изборот со фотографии од настапите на македонските музичари од неодамна завршените фестивали: Скопскиот џез-фестивал и Today It’s All About Jazz. Изложбата во Белград е помогната од Министерството за култура на С. Македонија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура