X
 20.02.2018 Здравје

Кои прегледи ни следуваат бесплатно кај матичните лекари?

Прегледите кај матичните лекари се бесплатни. Меѓутоа, не сите избрани доктори го почитуваат ова законско правило. Додека најголем дел од општите лекари и педијатри не им наплатуваат на пациентите, кај поголемиот дел од гинеколозите се плаќа, а кај различни стоматолози има различни интерни правила.
Факултети.мк провери што сè им следува бесплатно на осигурениците на Фондот за здравствено осигурување, на колку време и колку може да се наплати за она за што избраните лекари имаат право да земат пари.




Правилата велат дека во ординациите на видно место треба да биде истакнато што е бесплатно за осигурените пациенти.

Не се плаќа за ЕКГ кај општите

Во ординациите на матичните општи лекари, велат од Фондот за здравство, бесплатен е прегледот, како и помошните дијагностички прегледи, како оној со ЕКГ-апарат (електрокардиографија - ЕКГ е стандардна метода на снимање на импулсите на електричната активност на срцевиот мускул).
Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари, објаснува дека со превентивните цели, кои им се задача на матичните, прегледот со ЕКГ е бесплатен на две години.
- Меѓутоа, тој може да се прави и по потреба по процена на лекарот. Бесплатни се и инхалациите ако лекарот има инхалатор, а има колеги што прават и ЕХО и имаат апаратчиња за мерење шеќер. Сето тоа го набавуваа за да се зголеми конкурентноста, но матичниот не мора да ги има. Проблемот е во тоа што кај нас има многу прегледи, а од нив добар дел се непотребни зашто пациенти доаѓаат за сè и сешто. Некои и по неколку пати дневно за мерење притисок. Истовремено имаме многу административни задачи што мора да ги завршиме и во тие метежи нема доволно време за да можеме да им излеземе во пресрет со плус услуги на осигурениците. Токму поради тоа и побаравме да се наплаќа мала сума за влез за една дијагноза. Така би се намалиле непотребните прегледи, а ќе се намали и можноста за грешки – вели д-р Чолакова-Дервишова.



Услугите кај матичните педијатри исто така не се наплатуваат.

Колку чини пломбирање и вадење заб?

Кај матичните стоматолози бесплатен е само прегледот. Д-р Маријан Денковски, претседател на Друштвото на доктори на дентална медицина, вели дека цените за другите услуги се објавени во „Службен весник“ во јули 2011 година. Така, вадење млечен заб чини 100 денари, вадење траен заб – 200 денари, додека тешко вадење заб треба да се наплати 300 денари. Цената за пломбирање заб со амалгамска пломба е 200 денари, со композитна пломба е 450 денари, а со двокомпонентна обична бела пломба е 260 денари. Пломбирање заб со нанокомпозит е 600 денари. За ендодонска терапија определената цена е 400 денари, за прва помош (апликација на лек) е 150 денари, а за други услуги (освен превентивните) е 200 денари.

Кога следува бесплатен ПАП-тест?

Кај избраните гинеколози, според Фондот, треба да се бесплатни дијагностички прегледи со ЕХО, колпоскопија, земање брис. Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, објаснува дека ПАП-тестот е бесплатен на секои три години и за него се повикуваат пациентите по возрасни групи, според веќе определена програма.
- За ПАП-тест еднаш годишно се плаќа партиципација од 60 денари. Прифатените светски правила велат дека ако трите последни теста се уредни, наредниот се прави за три години – вели д-р Филиповски.
Иако по закон за прегледите кај матичните гинеколози не треба да се наплаќа, најголем дел од нив им земаат пари на пациентките. Кога избраниот гинеколог ќе побара пари за бесплатен преглед, советуваат од Фондот, осигуреничките треба да му посочат дека се запознаени со нивните права и дека прегледот кај избран лекар не се наплаќа.
- Во случај кога се инсистира на наплата за прегледот, потребно е да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги и да го информираат Фондот, било преку претставка доставена во писмена форма било преку електронска форма, а во прилог да достават фотокопија од финансиската документација (фискална сметка) – велат оттаму.
Подготвил: Наташа З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје