X
 20.02.2018 Наука

Научниците креираа хибрид од овца и човек

Истражувачите произвеле ембриони од хибрид на овца и човек, што еден ден може да претставуваат иднина на донирањето органи преку користење делови од телото создадени во внатрешноста на неприродни, изградени животни.

фотоизвор: Juan Carlos Izpisua Belmonte         

Со таа цел на ум, научниците ја креирале првата химера од повеќе видови, вметнувајќи човечки клетки во ембриони од овца, а тоа резултирало со хибридно суштество кое 99 проценти е овца, но во мал дел има и карактеристики од човек. Научниците уверуваат дека иако звучи страшно, не се работи за животно со човечка глава и слични такви претпоставки. Само една на 10.000 клетки кај овцата е човечка. Ова истражување е основа на претходни експерименти со вметнување човечки клетки во ембриони од свиња во лабораторија, креирајќи хибрид од свиња и човек.

Иако многумина сметаат дека со вакво нешто не треба да се експериментира, сепак, ваквите подвизи еден ден ќе обезбедат уникатно решение за илјадници луѓе што се на листата на чекање за донирање органи. Поголемиот дел од нив умираат пред да се најде соодветен орган за трансплантација. Органите произведени во животни во лабораторија може да се начин за имање доволно органи за трансплантација. За да биде успешна трансплантацијата, научниците сметаат дека барем 1 процент од клетките во ембрионот треба да бидат човечки.

Сето ова покренува  и етички прашања со оглед на тоа дека животното ќе биде креирано само за да се искористат неговите органи. Нема лесни одговори во врска со овие прашања, но проблемот со чекање соодветни органи за трансплантација е многу сериозен и широко распространет. Научниците сметаат дека сите пристапи се во одредена доза контроверзни, но се надеваат дека на ваков начин барем ќе им помогнат на луѓето што навистина страдаат и се осудени на смрт доколку не добијат орган.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука