X
 10.08.2016 Наука

Научниците открија нов вид на оган

Научниците открија нов вид на пламен наречен „син вртеж“ кој може да доведе до почисти начини на согорување на горивото, како и при помагање на расчистување на дамките од нафта.

 

оган


Рафинираниот пламен се базира на вртежи од оган, кои природно се јавуваат со зголемување на топлината и бурните ветрови кои се комбинираат за да се создаде торнадо од пламен. Кога се создаваат огнените вртежи во лабораторијата, научниците забележале сини вртежи од пламени кои претходно не биле забележани.

Торнадото од пламен се чини како неверојатно страшно и деструктивно нешто. Но, како електричната енергија и тоа може да се користи за добри цели. „Ако можеме подобро да го сфатиме тогаш можеби можеме да го контролираме и искористиме“,  вели инженерот за заштита од оган, Мајк Голнер од Универзитетот во Мериленд.

Огнените вртежи се создаваат од јадрото на пламенот опкружено со невидлива, ротирачка колона од воздух. Можат да се појават во пожари во природата и во урбани пожари и можат да бидат клучот во борбата против дамките од нафта бидејќи можат ефикасно да го изгорат горивото.

Со создавање на симулирано истекување на нафтата во лабораторијата, истражувачите создале огнен вртеж.

Бојата е доста важна: жолтата боја од пламенот доаѓа од честичките на саѓи кои зрачат и покажува дека нема доволно кислород за да се изгори горивото. Сината боја покажува дека горивото согорува целосно, и ова значи намалување на емисиите на јаглерод.

 

оган


Со внимателно пумпање повеќе гориво под пламенот, истражувачите успеале пламенот да го одржат во живот цели 8 минути, иако велат дека времето може да се продолжи.

Научниците сметаат дека јазот помеѓу пламенот и површната на водата помага во согорувањето на горивото. Но тие признаваат дека постојат многу елементи кои не ги разбираат во врска со овој син пламен кој го создале, вклучувајќи го и тоа зошто гори онака како што гори.

„Огнениот вртеж обично е турбулентен, но овој син вртеж е доста тивок и стабилен без видливи и звучни знаци на турбуленција. Ова е навистина возбудливо откритие кое нуди важни можност и во самата лабораторија и надвор од неа“, вели Хуахуа Ксиао, еден од истражувачите.

Следниот чекор е примената надвор од лабораторијата што претставува следниот предизвик за научниците. Доколку тие успеат во тоа, се надеваат дека првата примена ќе биде во чистење на дамките од нафта, бидејќи постоечките методи за горење на маслото на површината од океаните произведува многу чад и се неефикасни.

„Ова е прв пат овој вид на пламен да се изучува за негова практична примена“, велат истражувачите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука