На дното на Земјата се наоѓа масовна „чинија“ со мраз што можеби ја знаете како ледена покривка на Западниот Антарктик. Секој ден океанот полека ги еродира глечерите што го обложуваат неговиот раб. Кога тие ќе попуштат, морето ќе почне да го полни басенот, поплавувајќи ги крајбрежјата низ светот.
Глечерот Твејтс („Глечер на судниот ден“) е еден од оние што ја штитат од колапс оваа критична ледена покривка, чиј поголем дел лежи под нивото на морето и има доволно мраз за да го подигне океанот за 60 метри. За жал, овој глечер, со големина колку Флорида, исто така е и еден од најнестабилните глечери и еден од глечерите што најбрзо се топат во светот.
Додека глациолозите знаеја дека неговата стапка на губење мраз е страшна, тие неодамна открија дека тој е изложен на многу повеќе затоплувачка вода отколку што се веруваше. Во истражување објавено минатата недела, научниците со помош на сателитски снимки и хидраулично моделирање открија дека затоплувачките струи продираат во масивниот блок мраз предизвикувајќи „силно топење“.
- Навистина, ама навистина треба да сфатиме колку брзо се менува мразот. Се надеваме дека ќе бидат потребни 500 години за да се изгуби тој мраз. Иако истражувачите не знаат колку брзо се топи мразот, тие се загрижени дека може да исчезне за неколку децении - вели Кристин Дау, вонредна професрока по глациологија на Универзитетот во Ватерло и еден од авторите на истражувањето.
Како што климатските промени ги зголемуваат глобалните температури, глечерите и ледените плочи во поларните и планинските региони неизбежно се топат. Водата и исфрлениот мраз се влеваат во океаните, предизвикувајќи подигнување на нивото на водата. Од 1880 година, глобалното ниво на морињата се искачи за околу 22 сантиметри, а секое ненадејно зголемување може да биде катастрофално за крајбрежните градови како Њујорк, Мумбај и Шангај. Ниските земји како Маршалските Острови и Тувалу би можеле целосно да бидат потопени.
Глечерот Твејтс веќе сочинува 4 отсто од порастот на нивото на морето на планетата и губи 50 милијарди тони мраз годишно. Кога ќе се урне, може да ги подигне океаните во светот за 65 сантиметри.
- Можеби не звучи како многу, но ако помислите колку океанска вода имаме во светот, тоа е огромен волумен - вели Дау.
Користејќи сателитски снимки со висока резолуција и хидролошки податоци, истражувањето идентификувало џебови под висок притисок каде што била подигната површината на глечерот, што покажало дека топла вода тече под мразот.
- Подоброто разбирање на начинот на кој океанската вода може да навлезе во основата на глечерот може да ни помогне подобро да ја предвидиме загубата на мраз низ ледената покривка на Западниот Антарктик - вели Бернд Шеучл, истражувач на Земјините системи на Универзитетот во Калифорнија-Ирвин.
Истражувачите велат дека најдобар начин да се заштитат глечерите е да се ограничат емисиите на јаглерод. Иако топлината што човештвото веќе ја внесе во атмосферата ќе трае со векови и ќе продолжи да ги топи глечерите, ограничувањето на загревањето на планетата може да ни даде време да се подготвиме, ако не и да ги спречиме најекстремните исходи.
- Никогаш не е доцна за да се направи некаква промена. Дури и ако не можеме да ги запреме овие случувања, можеме да ги забавиме работите и да ги намалиме нивните влијанија - вели Шеучл.
Извор:
Scientificamerican.com
Фото: NASA