X
 21.02.2018 Култура

Синестезија – какво е чувството да се гледа музика?


Васили Кандински - слика
(Фото: Kandinsky)


Како би било кога во овој свет на сивила секој звук би имал боја, а секој збор вкус? Колку сетила всушност има човекот? И зошто не постои период кога сите сетила би работеле заедно, истовремено?

Таквата појава се нарекува синестезија. Синестезијата се објаснува како невролошки феномен кој настанува кога доаѓа до преплетување на врските меѓу центрите за различни сетила. Се смета дека лицата што имаат синестезија можат да користат две или повеќе сетила во исто време. Тие можат да ги гледаат звуците, да ги вкусат зборовите, физички да ги почувствуваат топлината и текстурата на боите.

Голем број научници тврдат дека сите се раѓаме како синестети, но ја губиме таа способност до третиот месец од животот. Но, поединци што имаат генска предиспозиција остануваат синестети за цел живот.

Мелиса Мекракен дури во шеснаесеттата година сознала дека не е вообичаено да се гледаат боите на звуците. Таа својата дарба ја искористила за сликање песни од познати музичари: Дејвид Боуви, Џими Хендрикс, Џон Ленон, „Пинк Флојд“, „Лед цепелин“ и други.

Од друга страна, Филипа Стентон се занимава со цртање портрети, но за неа портретот не го претставува лицето, туку гласот на личноста. Таа преку своите дела го доловила гласот на Ејми Вајнхаус, како и гласот на малечката Дороти од „Волшебникот од Оз“.

Синестетите главно се многу креативни личности затоа што нивната способност за повеќе симултани чувства создава единствен сплет од бои и музика.

Ед Ширан својата музика ја гледа во портокалова боја и тоа на неговите песни му дава особен сјај.

Клод Моне, познатиот импресионист, ги создавал своите дела со помош на синестезија, слушајќи ги боите на единствен, импресивен начин и не насетувајќи дека ќе создаде нов правец во уметноста. 

Франц Лист, унгарски композитор, често на својот оркестар му се обраќал со зборовите: „Ве молам, господа, малку посино, ако можете“,  како и „Ве молам, тоа е интензивно виолетово. Не толку розово“. Иако сметале дека тој се шегува, подоцна сфатиле дека за него тоновите имаат боја.

Џими Хендрикс зборувал за музика, акорди и бои. Неговиот омилен акорд бил Е7#9 што го перципирал како виолетова боја. Колку оваа боја била посебна за него, говори и неговата песна со наслов „Виолетова магла“.

Уште еден од познатите музичари го доживувал светот на неверојатен начин. Стиви Вондер, и покрај фактот што речиси цел живот бил слеп, истакнува дека музиката му дарува бои и дека свирејќи на клавир, може да ги визуализира боите на неговите ноти.

Додека прочуениот Ван Гог посетувал часови по клавир, неговиот професор забележал дека тој ги поврзува различните ноти со различни бои. Меѓутоа, тогаш не се знаело за синестезијатa, па младиот Ван Гог бил принуден да ги напушти часовите.

Се свртел кон сликањето, а во неговото творештво може да се забележи целата динамика и разиграност на боите. Неговите испрекинати потези со четката и силните експресивни бои кои често се толкувани како симптоми на разни невролошки нарушувања можат да бидат и последица од пресилно изразената синергија меѓу звуците и боите. Можеби и го отсекол своето уво затоа што слушал премногу бои.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура