X
 30.09.2022 Живот

Дали знаете кои се најскапите музички спотови во историјата на музиката?

Комбинирањето музика со видеопродукција за да се создаде целосно искуство на уметничкото дело се користи откако постои можноста за снимање музички видеа. Првите примери на такви аудио-визуелни дела датираат од почетокот на 20 век, кога режисерите ја споиле придружната музика со нивните кратки филмови. Еволуцијата продолжила преку разни кратки промотивни видеоклипови емитувани на телевизија во следните 50 години.

Сепак, музичките видеа во целосна смисла, онакви какви што ги знаеме денес, оживеаја со поп и рок-музиката во текот на 70-тите години. Првата песна за која музичкото видео беше користено како централен дел од маркетинг-стратегијата беше „Bohemina Rhapsody“ на легендарната група „Квин“.



Овој музички запис, кој според многумина е првото вистинско модерно музичко видео, беше снимен на крајот од 1975 година за само 4 часа, монтажата траела само еден ден, а цената тогаш била 4.500 фунти. Но со тој чин се отворило ново поглавје.

Во продолжение ви претставуваме пет музички спота чии цени до ден-денес не се надминати.

5. Мадона, „Bedtime Story“



Во средината на 90-тите години кралицата на попот се наоѓаше на врвот на својата слава, а за песната „Bedtime Story“ како трет сингл од албумот „Bedtime Stories“ во 1995 година, нејзината продукција сними видео кое служеше како реклама за целиот албум. Видеото долго 4,5 минути чинело 5 милиони долари (денешни 8,9 милиони).

4. Мадона, „Die Another Day“



Мадона го држи и четвртото место од рангирањето. Насловната тема на филмот за Џејмс Бонд од 2002 година не ги освои критичарите, но меѓу публиката беше една од најпознатите песни поврзани со франшизата за агентот 007. Пред 20 години продукцијата на ова видео чинеше 6,1 милиони долари (денешни 9,2 милиони долари).

3. „Ганс енд роузес“, „Estranged“



За третото место повторно се враќаме во 90-тите. Ова место ѝ припаѓа на рок-групата „Ганс енд роузес“, која потроши 5 милиони долари за спотот за песната „Estranged“, што во денешни пари е околу 9,4 милиони долари. Употребата на чамци, делфини и напредни видеоефекти за тоа време го направија видеото далеку поскапо од претходно снименото видео за значително поголемиот хит „November Rain“.

2. Мадона, „Express Yourself“



И повторно Мадона. Спотот за песната „Express Yourself“ го режира познатиот режисер Дејвид Финчер, кому во 1989 година му биле потребни околу 5 милиони долари (денешни 10,9 милиони) за да го продуцира спотот, со што беше соборен тогашниот рекорд.

1. Мајкл и Џенет Џексон, „Scream“



Братот и сестрата Џексон ги здружија силите и објавија музички спот за песната „Scream“ во 1995 година. За продукцијата платиле 7 милиони долари (денешни 12,5 милиони) и на тој начин добиле место во Гинисовата книга на рекорди како најскапото музичко видео направено дотогаш. Дејството во музичкото видео се случува во вселенски брод, видеото е снимено во црно-бело, а снимањето на сетот траело еден месец и вклучувало сцени што симулирале бестежинска состојба.

Видеопродукцијата на музичките спотови во минатото беше значително поскапа отколку денес. На листата со најскапи музички спотови, оние помлади од 5 години може да се најдат некаде над 30. место, додека оние од оваа деценија воопшто ги нема.

Извор: Bug.hr 
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот