X
 25.02.2018 Култура

Сликата „Девојката со бисерна обетка“ под лупа на научниците

slika
Фото: AFP

Сликата „Девојката со бисерна обетка“ на холандскиот мајстор Јоханес Вермер ќе биде предмет на научно испитување пред публиката во холандскиот музеј каде што се наоѓа.

Ремек-делото, насликано околу 1665 година, првпат било научно испитано во 1994 година во хашкиот музеј.

Управата на оваа културна установа соопштила дека останале многу прашања без одговор во врска со начинот на кој Вермер го создал делото и кои бои и техники ги користел.

Истражувачите долго време се воодушевувале од сликата од младата девојка со мистериозен поглед, сина и жолта лента околу косата и бисерна обетка на едното уво.

Научниците планираат во текот на наредните две недели да го анализираат квалитетот на платното и бојата. Посетителите на музејот ќе можат да ја видат работата на истражувачите кои ќе користат неинвазивни методи на испитување.

За делата на Јоханес Вермер се знае малку. Неговата најпозната слика била инспирација за романот на американската авторка Трејси Шевалие, „Девојката со бисерна обетка“, а подоцна според овој роман бил направен и филм.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура