X
 22.02.2022 Култура

Ова е една од најпопуларните серии на „Нетфликс“ во моментов

Секоја епизода од серијата „Измислувајќи ја Ана“ (англ.Inventing Anna) почнува со натписот: Оваа приказна е целосно вистинита. Освен деловите што се целосно измислени.

Веднаш ви станува јасно дека тука правилата се полабави. Ја добиваме вистинската приказна за измамничката Ана Сорокин, но со авторски печат.

Ана Сорокин се преправала дека е богата германска наследничка која не може да стигне до сопствените пари бидејќи се скарала со нејзиниот богат татко. Откако влезе во њујоршката елита, таа сè повеќе бараше заеми и други ѝ ги плаќаа сметките. Тие веруваа дека таа ќе ги намири тие сметки бидејќи е богата, но на крајот беше разоткриена како измамничка и беше осудена.

Минатата година беше ослободена поради добро однесување, но во овој момент повторно е во притвор бидејќи во Америка остана подолго отколку што ѝ траела визата, па ѝ се заканува депортација во Германија.

Преку истражувањето на новинарката (Ана Члумско), полека дознаваме за измамите на главниот лик (Џулија Гарнер), нејзиното искачување во њујоршките елитни кругови, нејзиниот моден снобизам, арогантните и грубите коментари, чудниот акцент што понекогаш е германски, а понекогаш руски. Иако многу критичари сметаат дека Гарнер не се снајде во улогата, ситуацијата е спротивна. Актерката брилијантно ја глуми Сорокин бидејќи вистинската Сорокин  така зборува, мешајќи ги влијанијата на нејзините акценти.

Самиот лик на Ана е добро смислен, а Џулија Гарнер е една од подобрите актерки на нејзината генерација и го гради својот карактер така што вие ја мразите, а истовремено ве фасцинира и сакате да видите што следно ќе направи. Штета што во основа станува збор за лоша серија. А кој е виновен за тоа? Се разбира, креаторката Шонда Рајмс.

Шонда не сакаше ова да биде сериозна серија, студија за ликот на измамничка која се искачува на њујоршката социјална скала, не гледајќи дали зад себе остава трупови. Фигуративно, не буквално.

Шонда сакаше ова да биде сапуница, како и нејзините други серии поради кои стана популарна. Наместо серијата да биде подлабок пресек на шминкерската елита, остана површна приказна на ниво дали двајцата љубовници ќе се венчаат на крајот.

Тука најмногу корист имаат ликовите од реалниот живот. Сорокин од „Нетфликс“ доби 320.000 долари за да ја сними нејзината приказна, доволно средства за да ги врати долговите што требаше да ги намири според пресудата.

Така, додека некој ни продаваше сатира и критики за модерното општество и за измамниците што демнат и ја користат секоја шанса, ние станавме соучесници во зголемувањето на популарноста на истите тие предатори.



Автор: Милош Дашиќ
Извор: Noizz.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура