Никој не сака да не е во право, особено кога шефовите или колегите ќе му упатат критика. Ретко кој може да остане со студена глава и со разбирање да ги прифати негативните коментари.
Но, среќен е оној што може да научи од другите, а негативните коментари да не го допираат и сопнуваат. Токму ваквиот начин на размислување се вклопува со советот што го дал директорот на „Линкдин“,
Џеф Винер:
„Дури и негативните коментари може да бидат подарок. Сфатете ги сериозно, но не им дозволувајте да ве дефинираат. Вие самите треба да се дефинирате себеси.“
Рационалното прифаќање на негативните коментари и критики влегува во доменот на емоционалната интелигенција – односно способноста да ги контролирате своите емоции така што „ќе работат за вас“, а не на ваша штета.
Често се случува кога ќе добиеме критика, веднаш да заземеме „одбранбен став“, а понекогаш и да се оглушиме на неа. Сепак, критиката треба да ја сметаме за „подарок“ дури и кога не е конструктивно артикулирана. Зошто? Затоа што ни помага да ја разбереме перспективата на оние што поинаку го гледаат светот од нас.
Со тоа што ќе се обидете да ги разберете негативните коментари, вие можете:
– Да ја потврдите вредноста на вашите идеи и да се подготвите за слична критика во иднина;
– Подобро да ја формулирате вашата порака, така што ќе ги досегнете и другите перспективи;
– Подобро да ја идентификувате својата целна публика;
– Да ја промените или да ја адаптирате пораката (ако е можно).
Уште поважно е да не дозволите да ве дефинираат негативните коментари, односно тие да одредат кои сте вие. Тоа значи дека не треба да кревате раце од сè затоа што некој кажал нешто негативно за вас. Или да губите премногу енергија и време објаснувајќи им на нерелевантни лица што сте сакале да кажете.
Следниот пат кога некој ќе ви упати негативен коментар, наместо да се повлечете во себе, запрашајте се: Како можам да ги искористам овие коментари за да се подобрам? Ако ги оставам личните чувства настрана, како можам да научам од оваа алтернативна перспектива?