Откако поминала три дена во Шпанија, Русинката Ирина Саникова од угледен доктор за заразни болести се претвори во „докторка на смртта“.
Саникова не ги почитувала мерките за задолжителна 14-дневна изолација откако се вратила во Русија. Таа продолжила да одржува предавања на универзитет и состаноци. Била тестирана за Ковид-19 и резултатот бил позитивен, па таа се соочува со пет години затвор ако зарази некоја личност и ако таа личност подоцна умре од вирусот.
Поради нејзината небрежност, 1.200 луѓе се тестирале за вирусот, од кои најмалку 11 биле позитивни. Русија пријавила речиси 700 случаи на Ковид-19 и еден смртен случај, кој можно е да е поврзан со вирусот.
Сепак, руските власти сметаат дека заканата од пет години затвор не е доволно остра за да ги запре можните пренесувачи на болеста. Во понеделникот рускиот премиер Михаил Мишустин нареди владата да донесе построги мерки против луѓето што го прекршуваат задолжителниот карантин.
- Успеавме да го задржиме вирусот, но Русија не може целосно да се изолира од заканата - изјави претседателот Владимир Путин.
Фото: Pixabay
Русија спроведе некои алатки од „авторитарната кутија“ за борба против болеста, вклучувајќи ја и употребата на технологија за препознавање на лице за да ги следи луѓето на кои им е наредено да бидат под самоизолација. Исто така, владата развива систем со кој се користат податоците за геолокација од мобилните оператори за следење на поединци.
Екипи на полицијата и лекари спроведуваат рации во хотели, студентски домови и станови за да ги следат луѓето што патувале од Кина пред затворањето на границата.
- Спроведувањето рации е непријатна задача, но е неопходна - рече Путин. Студентка од Кина, на која ѝ било наредено да оди во самоизолација, била фатена на камера како ја прекршува наредбата кога излегла да се сретне со пријател.
Во екот на кризата во Кина дронови биле распоредени за да откријат луѓе што не носат маски, а полицијата беше опремена со алатки за скенирање на минувачите. Јужна Кореја, Сингапур и други земји користеа безбедносни камери, податоци за кредитните картички и други дигитални трошоци за да ги следат движењата на пациентите пред да бидат дијагностицирани.
Во Москва властите објавија овој месец дека оние што се враќаат во Русија ќе бидат набљудувани со помош на повеќе од 178.000 фотоапарати за препознавање лице. Шефот на полицијата во Москва, Олег Баранов, минатата недела изјави дека камерите за препознавање на лицето откриле повеќе од 200 лица кои ја прекршиле задолжителната самоизолација. Полицијата ги има деталите за секое лице што се враќа во Русија со авион, автомобил или воз. Повеќе од 90.000 луѓе се набљудуваат.
Кирил Коротев од правната група за човекови права „Агора“ вели дека набљудувањето на луѓето во самоизолација создава јавна недоверба на надлежните органи.
- Повеќе изгледа како полициска операција, а не медицинска. Мислам дека луѓето не сакаат да прифатат дека ќе бидат контролирани секогаш кога треба да го фрлат ѓубрето или да купат леб. Сега жителите го сфаќаат потенцијалот за злоупотреба - вели тој.
Исто така,
руските власти се обидуваат да ги најдат луѓето што шират гласини или дезинформации за вирусот на социјалните мрежи, со околу 50 случаи на ден, според државниот центар формиран да обезбеди јавни информации за Ковид-19. Оние што објавуваат лажни вести се соочуваат со парични казни до 37.500 долари.