X
 03.03.2018 Живот

Како да препознаете измамник

Психолошката суштина на измамата се состои во демонстрација на надменост над жртвата во процесот на лажно задоволување на нејзината потреба.

Измамникот се „потпира“ на маката на жртвата и ја користи за да задоволи свои потреби. Тој дејствува „овде и сега“ и го користи максимумот од неговата жртва бидејќи знае дека „давеникот се фаќа за сламка“. Во ваква ситуација, измамникот е ангел спасител и го користи незнаењето на жртвата, довербата, наивноста, како и внатрешната нестабилност и напрегнатост. Обично измамниците пред жртвата демонстрираат авторитетност, се однесуваат кон жртвата заштитнички и постојано лажно ја подучуваат за нејзиното однесување. Тие избираат жртви што веќе се во тешки ситуации и преку демонстрација на авторитет или, народски кажано, преку подадена рака за помош успеваат да ѝ влеат голема доверба на жртвата.



Во такви ситуации, откако ќе се изгради односот на доверба, жртвата е лесно податлива на совети, предлози за помош, особено ако тие се направени ефектно, моментално исполнителни.

Постои група измамници што го свртеле вниманието на многу психолози. Тоа се измамници со многу повисоко интелигентно рамниште. Тоа се измамници-режисери. За нив, мотивот за извршување измама не е без значење, но приоритет добива стремежот за доминирање во резултат на манипулација на жртвата. Станува збор за измамници што деновите се појавуваат  во нашата земја користејќи ја новата социјално-економска ситуација кај нас и создаваат псевдофондации, организации, фирми, благотворителни акции и слично. Придобивајќи ги луѓето кон такви фиктивни институции, на прв поглед изгледа дека е сосема нормално, легитимно и законски.
Измамата е интелектуална престапност затоа што измамникот рационално може да даде аргументи. Ако обичен крадец бега од местото на престапностa, тогаш измамникот бара контакт со жртвата. Доброто проучување на жртвата, нејзиното однесување и начин на размислување, секогаш дава одличен резултат во потрагата за измамникот.

Исто така, измамникот мора да поседува добро развиени манипулативни комуникативни вештини, емпатичност, атрактивност и слично.
Природата на измамата е комуникативно-манипулирачко дејствие во кое жртвата, поради нарушениот сопствен комфор, содејствува со извршителот.
Привидно дружељубив измамник длабоко во себе смета дека сите околу него се измамници и дека ако тој не ја искористи ситуацијата, тогаш некој друг ќе го излаже него, т.е. постојано живее во страв од измама.
Повеќето измамници имаат хистероиден тип на личностна структура која им дозволува интензивно да ја развијат и реализираат својата манипулативна особина. Дефицитот на емпатија кај измамникот е причина тој постојано да бара одобрување од другите. Со ова однесување тој предизвикува негативни реакции кај другите и затоа е мотивиран да бара одмазда и го постигнува тоа со креирање измами.

Еве неколку препораки за да се заштитите од измамници:
Избегнувајте ги случајните средби со непознати што безрезервно предложуваат услуги, колку и да се наоѓате во тешкотија, особено финансиска.
Внимателно анализирајте ги предлозите за помош од секој не многу близок човек или непознат.
Не заборавајте дека најтипично за измамниците е прескокнување од една тема на друга за време на разговорот, од еден аргумент на друг. Секое враќање на измамникот кон неговите први аргументи ќе доведе до тоа тој да се збунува и да се блокира.
Неопходно е да поставувате многу прашања за предложеното решение без притоа да ве совладаат емоции за тоа колку лесно и брзо тој ќе ви помогне да излезете од тешката ситуација.

Пишува
Д-р Ана Чучкова  - психолог
Подготвил: Д-р Ана Чучкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот