Во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, доцна вечерва по локално време ќе се случи
90. издание на манифестацијата „Оскари“, што ја организира Академијата на филмски уметности и науки. Фаворит по бројот на номинации е филмот „Обликот на водата“ (The Shape of Water) од мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо.
Покрај овој филм со 13 номинации, меѓу фаворитите се и остварувањата „Денкерк“ (Dunkirk) од режисерот Кристофер Нолан со осум номинации, а со еден помалку следува филмот „Три билборди пред Ебинг, Мисури“ (Three Billboards Outside Ebbing, Missouri) на Мартин Мекдона.
Сите три филма се номинирани во категоријата за најдобар филм, заедно со „Викај ме со твоето име“ (Call Me by Your Name), „Најтемниот час“ (Darkest Hour), „Бегај!“ (Get Out!), „Дамата птица“ (Lady Bird), „Фантомска нишка“ (Phantom Thread) и „The Post“.
Филмот „Обликот на водата“, меѓу другото, доби и номинации за најдобра актерка, најдобра машка и женска споредна улога, режија, сценарио, оригинална музика и најдобра фотографија.
Во категоријата за најдобар актер, Гери Олдман се смета за фаворит во улогата на Винстон Черчил во филмот „Најтемниот час“.
Се очекува на јубилејното издание на „Оскарите“, кое ќе почне во 20 часот по локално време, да бидат споменати и скандалите што ја потресoа филмската индустрија откако 100 жени го обвинија продуцентот Харви Вајнстајн за сексуално вознемирување, злоставување и силување.
По Вајнстајн следуваа обвиненија на сметка на големи актерски имиња како Кевин Спејси, Брет Ратнер и Дастин Хофман.
Ова ќе биде прво доделување на оскари без Вајнстајн, кој поради аферите е исфрлен од членството во Академијата, додека на церемонијата се очекува поканетите да се појават во црни костуми и некој карактеристичен знак на реверот како поддршка за жртвите од сексуално злоставување.
Овогодишното доделување ќе биде обележано со номинацијата на првата режисерка црнкинка, Ди Риз, за филмот „Mudbound“ во категоријата најдобар документарен филм.
Јан Форд е првиот трансродов режисер чиј филм „Strong Island“ исто така е номиниран во категоријата најдобар документарен филм, додека Џордан Пил, режисерот на „Бегај!“, e првиот црнец синеаст чие остварување е номинирано за најдобра режија, сценарио и продукција.
Втора година по ред, церемонијата ќе ја води актерот Џими Кимел, а свеченоста ќе ја пренесува американската телевизиска мрежа Еј-би-си. Неодамна водителот се пошегува дека и годинава на доделувањето ќе има неколку погрешни пликоа, со цел публиката да се држи во неизвесност.
Тој алудираше на минатогодишната грешка на крајот од церемонијата, кога на актерот Ворен Бити му дадоа погрешен плик и наместо да го најави филмот „Moonlight“ како добитник на наградите за најдобар филм, тој го прочита „Ла Ла Ленд“ како добитник на Оскар. Грешката беше веднаш забележана и исправена, но подоцна предизвика негодување и критики кон организаторите.
Наградата е позлатена статуетка изработена од британиум врз црна метална основа, долга 34 сантиметри и тешка 3,85 килограми. На неа е прикажан витез направен во стилот арт деко, како држи меч, стоејќи врз филмска лента.
На церемонијата се доделуваат 50 статуетки за чија изработка потребни се најмалку три месеци.