X
 06.03.2018 Технологија

Дали „Фејсбук“ знае колку пари имаме?!


Табла на која пишува „Фејсбук“
(Фото: Getty images)


Во јуни 2016 година социјалната мрежа „Фејсбук“ поднесе барање за заштита на патентот кој ќе му овозможи употреба на алгоритам што ќе го предвидува богатството на неговите корисници, јавува „IFL Science“. Податоците за поднесеното барање станале јавни дури во февруари 2018 година, кога Американското одделение за патенти ги објави документите.

Патентот и алгоритамот би користеле податоци што би ги дале самите корисници, одговарајќи на низа прашања, но и податоците што несвесно ги откриле користејќи ја мрежата.

„Онлајн-системот користи класификатори за предвидување на општествено-економски групи корисници на мрежниот систем. Класификаторите користат модели кои се обликувани според податоците за популацијата на корисниците, како што се демографските информации, сопствеништвото на поединечни уреди, користењето интернет, податоци за домаќинството и социо-економскиот статус. Глобалните податоци можат да се соберат со прашалници за истражување на пазарот“, се наведува во документите.

„Класификаторите врз база на информациите за корисникот пресметуваат на која социо-економска група припаѓа корисникот. Внесените податоци зависат од профилот на корисникот, но и од неговите активности додека е вклучен на мрежата. Така ќе се предвидува неговиот социо-економски статус и без користење податоци за неговите примања. Социјалната мрежа ќе креира содржина која ќе му се прикажува во зависност од неговата припадност кон одредена социо-економска група“, се објаснува таму.

Се претпоставува дека тоа што „Фејсбук“ има патент за таков алгоритам сепак не значи дека и ќе го употребува. На крајот на краиштата, го има од 2016 година, па досега не го користел.

„Често бараме патенти за технологии кои никогаш не сме ги имплементирале, тоа не може да биде индикатор за нашите идни планови“, изјавил портпаролот на „Фејсбук“ за „Д Хил“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија