X
 23.10.2019 Живот

Во која европска држава живеат најбогатите граѓани на светот?

Швајцарците се оддалечија од просекот кога станува збор за имотот по глава на жител и така останаа најбогатите граѓани во светот. Поточно, до средината на 2019 година имотот по глава на жител во Швајцарија изнесувал 564.650 американски долари, што претставува зголемување за 17.790 долари во споредба со минатата година, покажува десеттиот извештај за глобалното богатство на „Кредит Свис“.

Ова ја става Швајцарија пред САД, каде што имотот по глава на жител се зголемил за 11.980 долари до средината на 2018 година, Јапонија каде што имало пораст од 9.180 долари, и Холандија, каде што имало пораст од 9.160 долари. Главниот губитник е Австралија, која доживеала пад од 28.670 долари од средината на 2018 година.

Од 2000 година имотот по глава на жител во Швајцарија се зголемил за 144 отсто, наведува „Кредит Свис“. Но, добар дел од овој раст е последица на апрецијацијата на франкот во однос на доларот, особено во периодот од 2001 до 2013 година.

Во швајцарски франци, богатството на домаќинствата порасна за 45 отсто помеѓу 2000 и 2019 година, што претставува просечна годишна стапка од 2 отсто.

Финансиските имоти учествуваат со 55 отсто од бруто-богатството во Швајцарија, што претставува нешто повисок процент од тој удел во Велика Британија, но помалку отколку во Јапонија или САД.

Долговите, претежно во форма на заостанати хипотекарни заеми, во просек изнесуваат 142.620 долари по лице, едни од највисоките во светот и претставуваат 20 отсто од вкупните имоти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот