X
 27.02.2020 Технологија

Музичари ги создале сите можни мелодии со помош на алгоритам

Програмерот, музичар и адвокат Демиен Рил и музичарот и програмер Ноа Рубин ги запишале сите мелодии што може да постојат на хард диск и потоа ги објавиле за да може да ги користи јавноста со цел да се спречи тужењето на музичарите.

Демиен Рил и Ноа Рубин сакале да им стават крај на тужбите за авторски права кои, според нив, ја ограничуваат креативната слобода на уметниците. Во тужбите за авторски права на мелодии еден уметник може да биде тужен дека потсвесно украл одредена мелодија дури и доколку станува збор за нешто што го слушнал само еднаш.

Најпознатиот случај е на Том Пети - тој го тужел Сем Смит зашто песната била премногу слична на негова мелодија. На крајот, Смит морал да го стави Пети како коавтор на песната, по што Пети добива дел од заработката.


Фото: Pixabay

Ваквите случаи може да чинат многу на суд, па затоа Рил и Рубин се надеваат дека со објавувањето на мелодиите ќе спречат вакви случаи. Во еден говор за проектот Рил објаснува дека алгоритамски ја пресметале содржината на секоја мелодија во дадена октава за да ја состават базата на податоци. Потоа двајцата музичари напишале алгоритам кој ги снимил сите можни мелодиски комбинации. Ова било направено на ист начин на кој хакерите ги погодуваат лозинките. Алгоритамот работи со брзина од 300.000 мелодии во секунда. Овие мелодии биле зачувани во МИДИ-формат, а во овој формат нотите се броеви.

- Според законот за авторски права, броевите се факти, а законски, фактите имаат малку авторски права, речиси немаат авторски права или воопшто немаат авторски права. Доколку овие броеви постоеле од почетокот на времето и ние само ги користиме, можеби мелодиите се математика, а тоа се факти, што не може да има авторски права - објаснува Рил.


Фото: Pixabay

Сите создадени мелодии, како и кодот за алгоритамот, се достапни на „Гитхаб“, а базите на податоци се достапни во интернет-архивата. Според интернет-страницата на проектот, Рубин и Рил ги пуштиле мелодиите без притоа да ги зачуваат правата на користење.

Останува да се види дали оваа тактика ќе функционира на суд и тешко е да се каже дали еден суд ќе го смета Рил за автор на мелодијата што друг уметник ја направил популарна.


Автор: Саманта Кол
Извор: Vice.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија