X
 06.03.2018 Живот

Што е пресудно за успех, среќа или талент?

Тоа што сте паметни и талентирани не е доволно за да бидете успешни, покажуваат најновите истражувања. Најуспешните луѓе во светот се оние што имаат најмногу среќа, покажува симулација на илјада 40-годишни кариери. Иако сме свесни дека среќата игра улога во успехот, научниците велат дека досега нејзиното влијание било потценето. Претходно истражување покажа дека најдобрите често се најсреќните луѓе, кои имале бенефиции од динамиката „богатите се збогатуваат“, која го зголемува нивното почетно богатство.


Фото: Pixabay

- На пример, тоа што Бил Гејтс има потекло од повисока класа му помогнало да добие дополнително искуство во програмирањето кога помалку од 0,01 отсто од неговата генерација имале пристап до компјутери. Социјалната врска на неговата мајка со лидерот на Ај-би-ем му овозможила да добие договор со тогаш водечката компанија за компјутери, причинувајќи ’ефект на незаменливост‘, кој беше клучен за основање на софтверската империја. Секако, талентот и напорите на Гејтс играат важна улога во екстремните успеси на „Мајкрософт“, но тоа не е доволно - вели Ченгвеи Лау од училиштето за бизнис во Ворвик.

Во ново истражување, истражувачи од Универзитетот на Катанија во Сицилија, Италија, креирале компјутерски модел од илјада виртуелни лица. На некои им бил даден поголем талент, интелигенција или пари од просечен работник, додека на други им било дадено помалку. Во 40-годишна кариера некои лица имале среќни настани - можности за напредок во кариерата кои можеле да ги искористат со својот талент или интелигенција. Од друга страна, некои биле погодени од несреќни настани кои им одзеле пари. На крајот на симулацијата научниците ги разгледале карактеристиките на најбогатите лица. Забележале дека иако успешните луѓе имале некое ниво на талент, богатство или интелигенција, оние што се издигнале на врвот речиси секогаш биле најсреќните.

- Очигледно е дека најуспешните лица исто така се и најсреќните, а оние помалку успешните се оние што немаат среќа - забележаа истражувачите предводени од професорот Алесандро Плучино.

Моделот ја отсликува дистрибуцијата на богатството во реалниот свет, позната како правилото 80:20. Според истражувачите, правилото според кое 80 отсто од населението поседуваат само 20 отсто од вкупниот капитал, додека останатите 20 отсто поседуваат 80 отсто од истиот капитал, било испочитувано. Ова можеби би било фер доколку соодветствуваше со талентот, но истражувачите утврдиле дека не е така и дека само најсреќните лица станале успешни.

- Максималниот успех никогаш не се совпаѓа со максималниот талент, и обратно. Нашата симулација јасно покажува дека таквиот фактор е само чиста среќа - пишуваат истражувачите.

Тимот го покажал ова така што ги подредил лицата според бројот на среќни и несреќни настани што ги преживеале во текот на нивните кариери. Тие велат дека истражувањето покажува дека начинот на кој многу претпријатија добиваат финансии може да е неефикасен. Според нив, наместо да се наградуваат оние што биле успешни во минатото, оние што финансираат треба еднакво да ги распределат парите за сите учесници.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот