Секој знае приказна за балканец кој заминал на работа во странство и се усреќил. Ова веќе, за жал, стана нормално. Приказната на Маријана Ереиз од Хрватска е една таква приказна на млада дипломирана личност чии вештини биле повеќе ценети надвор отколку дома.
Маријана е дипломирана градежна инженерка која живее и работи во Германија. Студиите ги завршила во Загреб, но не сакала да остане во Хрватска. Година дена после студиите, Маријана го има работното искуство за да работи на милионски проекти, да води градилиште и од својата заработка да купи „Мерцедес“ од класа А.
Таа размислувала да ги продолжи студиите во странство или да бара работа надвор од земјата. Со оглед на тоа што сакала да работи на градилиште наместо во канцеларија, таа одлучила да не ги продолжи студиите, туку веднаш да започне со потрага по работа. Започнала да праќа професионални биографии. Таа аплицирала на три места и во рок од три дена добила одговор од сите компании да дојде на интервју. Таа била на сите интервјуа и се одлучила за најмалата компанија со оглед на тоа што тукушто го имала завршено факултетот и немала работно искуство.
Но, иако без искуство, таа добила проект вреден 15 милион евра во кој се вклучени девет станбени згради со подземни гаражи. Работата на Маријана е да го подготви и води градилиштето. На него моментално работат 30 луѓе, од кои 15 од Хрватска, кои ги донела таа. Таа вели дека сите ја прифаќаат одлично со оглед на тоа што е млада и не знае да зборува германски јазик најдобро.
Кога станува збор за враќањето назад, таа вели:
- Не ми паѓа напамет да се враќам бидејќи имам супер работа која не е стресна. Имам супер плата. Работната атмосфера е таква што сите се задоволни, се работи од 8 до 17 часот и тоа е тоа. Може да останете прекувремено и тоа ќе ви биде платено или ќе добиете слободни денови. Јас повеќе ги користам деновите за да може да доаѓам во Хрватска почесто. За една година и два месеци добив искуство какво што не би добила во Хрватска. Во домашните фирми веројатно сега би копирала листови и носела кафе на останатите. Би ми биле потребни десет години да добијам таква одговорност. За една година си купив „Мерцедес“ од класа А. Во Хрватска би го имала можеби за некои 30 години на кредит - вели таа.
На Маријана единствено ѝ недостасува балканскиот социјален живот. Таа вели дека го нема истото дружење таму бидејќи седењето со часови на едно кафе за нив е губење време и пари.
Нејзиниот совет за младите дипломирани лица од нејзината земја гласи:
- Избегнувајте ги нашите работодавци и големите градови. Во пробниот рок работете за било која плата бидејќи во тој период се докажувате најмногу. Така и јас се докажував за минимална плата шест месеци, а потоа добив договор и инженерска плата. Нашите работодавци избегнувајте ги бидејќи го искористуваат нашиот народ кој заминува неупатен и не знае што ги очекува. Работат за минимална плата дури и надвор. Секому би препорачала да замине надвор да работи.