X
 08.03.2018 Култура

Млад математичар погодил 20 од вкупно 21 добитник на „Оскар“!


Математичарот Бен Заузмер што ги погоди добитниците на оскар
(Фото: Twitter)


Иако за многумина главната вест беше што „Оскарот“ за најдобар филм му припадна на „Обликот на водата“, имаше и такви што имаа забелешки зошто „Коко“ ја освои наградата за најдобар анимиран филм, а не „Сакајќи го Винсент“. Во сеопштиот метеж околу 90. по ред доделување на престижните награди блесна и апсолутниот триумф на 25-годишниот математичар Бен Заузмер, кој оваа година погоди 20 од 21 добитник, кои јавно ги објавил во пресрет на прогласувањето.

Тој го привлекуваше вниманието и изминатите три години како гениј чии предвидувања се покажале точни во 75 проценти од случаите. Меѓутоа, оваа година Заузмер со својот компјутерски модел навистина брилира. Само во три категории не сакал да предвидува затоа што „немал доволно податоци“, а се работи за кратки филмови.

За останатиот дел од кандидатите сепак дал своја, речиси стопроцентно успешна прогноза, затоа што погрешил само во категоријата документарен филм. Бидејќи своите прогнози ги изразувал во проценти од веројатноста, дури точно погодил и во кои категории ќе се водат најтесните трки, на пример, во категоријата најдобар филм, 36,1% шанси му дал на филмот „Обликот на водата“, а на „Трите билборди пред Ебинг, Мисури“ – 31%.

Речиси апсолутно верувал дека Гери Олдман ќе ја земе наградата за најдобар актер, давајќи му 77,9% шанси, како и актерката Френсис Мекдорманд, на која ѝ дал 75 проценти. И сето ова го направил на начин кој нема никаква допирна точка со филмот – се работи за чиста применета математика. Еве како изгледа неговото предвидување:




„Собрав илјадници податоци за доделувањата на ’Оскарите‘ во минатите 20 години, како категориите во кои е номиниран филмот, претходни награди што ги освоил, оцени на критиката, па статистички пресметав со каква веројатност секој од тие фактори влијаел врз конечниот избор во текот на минатите избори. Потоа тие бројки ги применив на годинашното доделување, по што добив проценти на веројатност за победа на секој филм во сите категории.“

Неговиот феномен уште пред неколку години го забележал „Холивуд рипортер“ и го ангажирал како надворешен соработник токму за таа работа – да ги предвидува добитниците.

Во 2015 година, кога дипломирал на „Харвард“, за него се заинтересирале и од списанието „Популар сајанс“ и ја објавиле табелата на успешност при предвидувањата за „Оскарите“ за таа година, при што ја споредиле успешноста на неговата метода со некои други. Особено годинава неговиот метод се покажал како спектакуларен, иако, како што и самиот признава, сè уште не успеал да најде начин како да ги вклопи кратките, силни напливи на реалниот живот во последните моменти во пресрет на прогласувањето на победниците како, на пример, обелоденување некаква афера во која е вклучен некој актер или актерка, или слично.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура