Факелот на мирот вчера прошета и по скопските населби Чаир и Бутел, каде честа да учествуваат ја имаа учениците од ОУ „Панајот Гиновски“
Гевгелија, Богданци, Демир Капија, Неготино, Градско, Велес, Петровец, Скопје, Тетово, Гостивар, Маврово и Ростуше, Дебар, Вевчани и Струга – ова се градовите низ кои деновиве поминува Трката на мирот на Шри Чинмој. Биеналната трка од ненатпреварувачки карактер и факелот на мирот обединува неколку стотици ученици во земјава, кои со насмевки на лицата трчат по улиците на своите градови. Факелот вчера прошета и по улиците на скопските населби Чаир и Бутел, каде честа да учествуваат ја имаа учениците од ОУ „Панајот Гиновски“.
-Откако дознав за трката пред неколку години, знаејќи дека нема натпреварувачки карактер, сакав да ги вклучам и моите ученици и со радост ја примив информацијата дека ќе поминат и во нашето училиште. Им посакавме топло добредојде и заеднички испративме пораки за мир и пријателство – вели наставникот Мартин Поповски, кој ги организираше децата од ова училиште.
Годинава Трката за мир се одржува по 30ти пат и ќе трае седум месеци. Трката почна на 27 февруари во Софија, а последен град е Лисабон, Португалија, кога ќе заврши трката, на 8 октомври. Во нашата земја, трката почна на 7 март, а ќе заврши на 12-ти.
Секоја година Трката за мир посетува многу училишта во повеќе од 100 земји ширум светот. Учениците се запознаваат со тркачите, го држат факелот и ги изразуваат сопствените соништа и надежи за еден подобар свет, велат организаторите.