Денешните ученици се сметаат себеси за „дигитални староседелци“, односно дека се првата генерација што расте опкружена со модерна технологија, како паметни телефони, таблети и електронски читачи.
Учителите, родителите и политичарите го признаваат сè поголемото влијание на технологијата, па се обидуваат да реагираат во согласност со тоа. Во последно време има сè поголеми вложувања во одделенската технологија, додека учениците се опремуваат со училишни ајпади и имаат пристап до електронските учебници.
* Во Калифорнија во 2009 година е донесен закон кој бара најдоцна до 2020 година сите факултетски учебници да бидат достапни и во електронска форма.
* Флорида во 2011 година донела закон со кој се бара сите јавни образовни установи да ги претворат своите учебници во дигитална верзија.
Со оглед на трендот, сите учесници во образовниот процес би можеле да претпостават дека познавањето на технологијата и насоченоста на учениците кон неа гарантираат и подобри резултати во учењето.
Но, според резултатите на најновите истражувања што ги објави „
Бизнис инсајдер“, погрешна е претпоставката дека учениците по автоматизам подобро ќе разберат дигитален текст само затоа што сакаат да читаат од екранот.
Резултатите од истражувањето откриле значителна неусогласеност. Иако учениците изјавиле дека преферираат дигитални текстови и дека постигнуваат подобри резултати кога читаат од екраните, резултатите ги демантирале таквите тврдења.
Од прегледот на долготрајното истражување, кое се спроведува уште од 1992 година, „Бизнис инсајдер“ открива дека учениците подобро разбираат информации од печатен текст подолг од една страница. Изгледа дека тоа е поврзано со ефектот на попречување при движењето на текстот на екранот кој влијае врз процесот на разбирање на содржината.
Во рамките на натамошните истражувања, спроведени се три студии што ја испитувале способноста на учениците за разбирање информации од печатени и дигитални текстови.
Резултатите го покажале следното:
* Повеќето ученици преферираат дигитални текстови.
* Читањето на екранот било значително побрзо во споредба со текст на хартија.
* Учениците своето разбирање на дигитални содржини го оцениле како подобро отколку на печатените.
Меѓутоа, парадокс е што вкупното разбирање било поуспешно кај печатените во споредба со дигиталните содржини. Медиумот не бил важен кај општите прашања (како разбирање на главната порака од текстот). Но кога се работело за поспецифични прашања, разбирањето било многу подобро кога учениците го читале текстот во печатена форма.