Колку парите придонесуваат за еден поединец да биде среќен? Новото истражување покажа дека парите имаат големо влијание врз чувството на среќа, а колку пари ви требаат да го доживеете тоа чувство, зависи од местото каде што живеете.
„Можеби се чини изненадувачки, затоа што на телевизија разни огласувачи нè убедуваат дека нема ограничување кога зборуваме колку пари ни се потребни за да бидеме среќни, но сега гледаме дека такви граници сепак постојат“, вели
Ендрју Џеб, водач на истражувањето.
Тој и неговите колеги користеле податоци од големата анкета која ја спровела агенцијата „Галуп“, а во којашто учествувале над 1,7 милиони луѓе постари од 15 години од 164 држави од светот.
Учесниците во истражувањето одговарале на прашања во врска со задоволството од своите животи и благосостојбата, како и прашања поврзани со куповната моќ.
И додека емотивната благосостојба зависи од дневните чувства на среќа, возбуда, тага или бес, севкупното задоволство од животот во голема мера е под влијание на поставувањето на повисоки цели и споредувањето на сопствениот имот со она што го поседуваат другите.
Истражувачите откриле дека во просек идеалниот годишен приход за севкупно задоволство во животот изнесува 95.000 долари годишно, а меѓу 60-75 илјади долари се доволни за емотивна благосотојба.
Меѓутоа, тоа најмногу зависи од местото каде што живеете. Така, најмногу средства за среќа им се потребни на жителите на Австралија и Нов Зеланд – 125.000 долари, додека најскромни се Јужноамериканците и жителите на Карибите. Во Северна Америка за среќа се потребни 105.000 долари во просек.
Што се однесува до Европа, големи се разликите меѓу Исток и Запад. Во Западна Европа и Скандинавија за среќа во просек се потребни 100.000 долари, додека во Источна Европа и на Балканот, за среќа се потребни „само“ 45.000 долари годишно.
Се разбира дека овие износи се разликуваат заради висината на стандардот од држава до држава. Сепак, овде станува збор за износи кои се однесуваат на поединци, а за семејства секако дека требаат повеќе средства.
Меѓутоа, кога поединецот еднаш ќе достигне до таа точка кога ќе има доволно пари за да биде среќен, дополнителните приходи всушност ќе резултираат со намалување на задоволството во животот, се наведува во студијата што ја објави списанието
Nature.