Просечната бруто-годишна заработувачка за 2014 година во Македонија изнесува 397.739 денари, додека просечната бруто-месечна заработувачка за октомври 2014 изнесува 31.590 денари. За еден час, во Македонија просечно се заработува 174 денари. Ова се дел од податоците на Државниот завод за статистика за структурата на заработувачката за 2014 година.
Мажите заработуваат повеќе од жените, според податоците. Просечната месечна заработувачка на мажите за октомври 2014 изнесувала
32.869 денари, додека за жените изнесувала
29.979 денари.
Според старосните групи, најплатени се мажите на возраст над 60 години, со
37.425 денари и 35 до 39 години, со просечно
35.311 денари месечно. Кај жените, највисоката просечна месечна заработувачка се забележува кај оние на возраст над 60 години, со
37.561 денар и од 55-59 години, со
31.868 денари месечно.
Кога станува збор за работниот стаж, највисока заработувачка имаат мажите со 5-9 години стаж и жените со 15-19 години стаж,
36.651 денар и
35.866 денари, соодветно.
Просечната заработувачка за скратено работно време, пак, изнесува 11.158 на месечно ниво. Овде, жените имаат повисока просечна заработувачка -
11.360 денари. Мажите просечно заработуваат
10.939 денари месечно за скратено работно време.
Државните функционери се едни од најплатените според податоците. Тие имале просечно заработувачка од
342 денари за еден час во октомври 2014 година, повеќе од оние
232 денари на час на експертите и научниците и
151 денар на службениците.
Преработувачите на храна, дрво, текстил и кожа се едни од најмалку платените, со
99 денари на час, додека помошниците за подготовка на храна просечно добиваат по
94 денари на час.