X
 12.03.2018 Живот

Труењата на политичките неистомисленици на руски начин


Око од сенка
(Фото: Pixabay)


Британската министерка за внатрешни работи, Ембер Рад, потврди дека поранешниот руски таен агент Сергеј Скрипал (66) и неговата ќерка Јулија (33), се затруени од нервен агенс, без да прецизира за каков агенс станува збор, иако кратко заклучи дека се работи за „многу, многу редок отров“. Сергеј Скрипал, некогашниот руски и англиски шпион е пронајден заедно со својата ќерка на клупа пред трговскиот центар во градот Салисбери, во бесвесна состојба.

Министерката Рад  истакна дека моментално „и двајцата се наоѓаат во бессознание и се во критична, но стабилна состојба“. Таа потврди и дека полицаеот кој прв се обидел да им помогне се наоѓа во болница во сериозна, но стабилна состојба, дека е свесен и контактибилен. Таа потенцираше дека сите тројца се во строга изолација, затоа што се работи за исклучително опасен, смртоносен отров.

Путин: Предавниците секогаш лошо завршуваат

„Присуството на тој агенс го утврдиле стручните лица од Лабораторијата за одбрана, наука и технологија во Портон Даун, кои се светски признати експерти за оваа област. Форензичката анализа детектирала присуство на нервен отров, па затоа инцидентот се третира како обид за убиство.“ На прашањето дали наредбата за атентатот стигнала од Москва, министерката Рад одговори: „Користењето на нервни агенси во Велика Британија се смета за безобѕирно дело, обид за убиство на најсуров начин“.

Руската тајна служба пред десет години откри дека Скрипал оддавал државни тајни на британските разузнувачи, а меѓу другото, ги открил и имињата на повеќе руски шпиони на Запад. Осуден бил на 13 години строг затвор во август 2006-тата, а потоа во 2010 година бил заменет за 10 руски шпиони уапсени во САД. По повод апсењето на Скрипал и размената на шпиони со САД, рускиот претседател Владимир Путин, јавно се заканил: „Предавниците секогаш завршуваат на лош начин – обично од алкохолизам и дрога, но секогаш на улица“.

Затоа и не зачудува што британските медиуми веднаш предупредија  дека во атентатот може да се препознае „ракописот од Москва“. Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков ситуацијата ја нарече „трагична“, посочувајќи дека нема информации за можните причини за „несреќата“. Заради претходните случаи во кои било утврдено дека Русите ги ликвидирале своите одметнати шпиони и дисиденти со користење на разни отрови, политичарите и јавноста во Велика Британија уверени се дека Скрипал е отруен од страна на руските тајни служби.

Богата историја на руски труења

И за тоа постојат доволни докази. Имено, на сличен начин руските тајни агенти го убиле својот поранешен колега Александар Литвиненко во Лондон, а во Берлин го отруле Виктор Калашњиков, слободен новинар и поранешен полковник на КГБ, заедно со неговата сопруга. Исто така, имаше и обид за труење на поранешниот украински претседател Виктор Јушченко, кого не успеаја да го ликвидираат, но затоа со разни отровни супстанции му го нагрдија лицето. Руските агенти  помогнаа и на бугарските разузнавачи да го убијат дисидентот Георгиј Марков, кој во Лондон работел како новинар на Би-би-си. Тој почувствувал дека во еден момент случаен минувач со својот чадор го потчукнал во ногата. Четири дена подоцна тој починал во болница, а во неговото тело лекарите пронашле минијатурно топче исполнето со отровот рицин од 0,2 милиграма, што е смртоносна доза.

Кога неколку недели подоцна бил извршен напад  со исто топче врз бугарскиот дисидент и новинар на „Радио Френс интернешенел“ – Владимир Костов, тој како запознаен со случајот на Марков, веднаш побарал медицинска помош, што му го спасило животот.

По падот на комунистичкиот режим во Бугарија, Велика Британија побарала од бугарските власти да им дадат увид во досиејата на овие два случаи, со цел да ги расчистат. Иако Бугарија се оглушила од барањата, во архивите на бугарската комунистичка тајна служба бил пронајден договор за соработка меѓу бугарските тајни служби и  рускиот КГБ од 1972 година каде Москва дозволила на бугарските тајни агенти да им се предадат отрови со брзо дејство, заедно со соодветна опрема за користење. Поранешниот директор на секторот „К“ во КГБ, Олег Калугин, во 1991 година открил дека Тодор Живков, поранешниот бугарски претседател, побарал помош од Москва за ликвидација на Марков. Но Русија никогаш не дозволила увид во тој дел од архивите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот