X
 13.11.2018 Образование

Што ќе се менува во македонските и бугарските учебници по историја?

Задачата на заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања не е промена на официјалната историја, туку промена на напишаното во учебниците по историја од двете страни на границата, изјави професорот Драги Ѓоргиев, кој го предводи македонскиот тим.
- Во некои изјави и публикации бевме наречени дури и предавници, дека ја предаваме македонската историја, дека сѐ што е напишано досега во однос на македонската историја ќе биде променето под диктатот на Бугарија. Ние не ја менуваме официјалната македонска историографија зашто нашата задача не е тоа. Задачата е промена на напишаното во учебниците по историја и од двете страни на границата - вели професор Ѓоргиев за бугарската БТВ.

Според него, бугарската страна имала забелешки дека генерално во македонските учебници се чувствува јазик на непријателство кон Бугарија. На прашањето дали се согласува со таквите забелешки, тој вели се согласува со определени аргументи. Како пример посочува дека неколку поколенија македонски деца учат дека Бугарите биле монголско-татарско племе од турска етничка група и оти како номадско племе се занимавале со одгледување на коњи, лов и грабежи. Ова, како што наведува, за него е апсолутно неприфатливо и непотребно да стои во еден учебник.
Македонските историчари, пак, имале повеќе забелешки за напишаното во бугарските учебници дека генерално започнувајќи од средниот век, Македонија се третира како неослободена бугарска територија.

- Започнувајќи од средниот век до Втората светска војна, се тврди дека тие територии треба да се ослободат и дека се бугарски територии. Тука во учебниците се вклучуваат и Тракија и Добруџа. И настојувањето дека тоа е бугарска неослободена територија создава непријатност кај македонските граѓани - коментира професорот Ѓоргиев.


Драги Ѓоргиев  Фото: МИА

Втората забелешка од македонска страна се однесува на третирањето на јазикот на Кирил и Методиј во некои учебници во Бугарија како старобугарски јазик.
- Има македонски учебници во кои тој јазик е третиран како старомакедонски јазик. И нашата генерална забелешка е дека не е неопходно да се национализираат и соодветно да се етнизираат тие процеси што се случувале во средниот век - посочува Ѓоргиев.
Според него, од аргументите и од артефактите не можеме да избегаме и тие се присутни во македонската историографија. Анализите што ги направиле допираат точно до времето на цар Самуил и тука ќе се обидат да донесат определени решенија и препораки кои ќе ги предложат до владите на Бугарија и на Македонија.
- Тоа дека Самуиловото Царство е третирано како бугарско царство е присутно во нашата историографија, но толкувањата се различни. Прашањето е сложено и долгогодишно. Тоа е и емоционално и дури политичко, би кажал, за тие важни случувања во минатото и затоа не треба да се брза со донесувањето определени решенија - вели Ѓоргиев.

Според него, не сѐ што знаеме за себе навистина било така. Ако ние се затвориме повторно во национализам и во некоја етноцентрична и националистичка идеологија за нас дека сме потомци на Александар Македонски, тогаш иднината нема да биде светла. Потребно е време за тоа, подвлекува професор Драги Ѓоргиев.

Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања, која беше формирана согласно Договорот за добрососедство меѓу двете земји, досега има одржано две средби, а следната е најавена за крајот на месецов.
Од двете страни се оценува дека иако има сериозни забелешки за некои прашања, атмосферата во комисијата е конструктивна.


Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование